Најмалку 40 жртви во Израел по нападот на Хамас

од Stefanija Kuzmanovska
187 прегледи

Палестинската исламистичка група Хамас уби повеќе од 40 луѓе денеска во ненадеен и најголем напад врз Израел во изминатите години, во кој вооружени напаѓачи упаднаа во израелските градови додека проектили беа истрелани кон Израел од Појасот Газа.

Израел соопшти дека група поддржана од Иран му објавила војна на Израел, а војската потврди дека се бори против милитантите во неколку израелски градови и воени бази во близина на Газа.

„Граѓани на Израел, ние сме во војна“, рече израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во видео порака од воениот штаб во Тел Авив.

Најмалку 40 Израелци загинаа во нападот, а повеќе од 700 се ранети, според израелските служби за итни случаи, кои очекуваат бројот на жртвите да се зголеми.

Израелската војска објави дека извршила воздушни напади врз Газа, при што загинале најмалку две лица. Нападот претставува невидена инфилтрација на неодреден број вооружени членови на Хамас во Израел од Газа и една од најсериозните ескалации во израелско-палестинскиот конфликт во последните години.

Израелски медиуми јавија дека милитантите држат Израелци како заложници во градот Офаким и дека пет палестински милитанти биле убиени во градот Сдерот каде биле запалени куќи. Има вооружени судири меѓу групи палестински борци и безбедносните сили во градовите во јужен Израел.

Шефот на израелската полиција изјави дека на југот на Израел се водат борби на 21 место, што покажува колку се големи размерите на нападите.

Во Газа, луѓето побрзаа да купат залихи во очекување на денови на борби. Некои се во засолништа.

Воениот командант на Хамас Мохамед Деиф го најави почетокот на операцијата преку медиумите на Хамас, повикувајќи ги Палестинците насекаде да се борат.

„Ова е денот на најголемата битка за ставање крај на последната окупација на земјата“, рече тој, додавајќи дека биле лансирани повеќе од 5.000 ракети.

Слични содржини