Најмалку четири лица загинаа во рускиот напад на Харков

од Симе Стоиков

Најмалку четири лица загинаа, а неколку други се повредени во рускиот напад на Харков кој беше извршен во текот на ноќта. Истиот во неколку бранови беше извршен со беспилотни летала Шахед, соопштија украинските власти.

„Во нападот на непријателските беспилотни летала врз станбени згради во Харков има мртви и ранети“, објави на Телеграма градоначалникот на Харков, Ихор Терехов.

Тој додаде дека во вториот напад со камиказе беспилотни летала загинале тројца спасувачи во едно од погодените области, а еден е повреден“, пренесува Укринформ.

Терехов изјави дека нападите биле извршени и врз приватни и станбени згради. Во некои области, додаде градоначалникот, можни се прекини на електричната енергија. На санацијата работат сите итни и комунални служби, како и волонтери.

Дополнително, додаде Терехов, оштетена е и опремата на Државната служба за итни случаи. Според Олех Синегубов, началникот на воениот округ Харков, во моментов се знае дека загинале четири лица.

„Пронајдено е и тело на жена. Најмалку пет цивили се повредени“, напиша тој на Телеграм.

Според него, три лица се хоспитализирани, една од жртвите е во тешка состојба.

Претходно, украинските власти објавија дека руски беспилотни летала го нападнале Харков, а во градот одекнале неколку експлозии, а на местото на еден од ударите избувнал пожар.

Слични содржини