Најмалку осум загинати во поплавите во Европа: На Будимпешта и се заканува најголемата поплава во деценијата

од Илинка Илиоска
40 прегледи

Бројот на загинати во поплавите во централна Европа вчера се искачи на осум, откако илјадници луѓе беа евакуирани од своите домови во Полска, Чешка, Австрија и Романија.

Циклонот „Борис“, донесе обилни дождови од Австрија до Романија, што доведе до најголемите поплави во речиси три децении во тешко погодените области на Чешка и Полска.

Илјадници куќи беа оштетени за време на викендот, мостови беа однесени, а најмалку 250.000 домаќинства, главно во Чешка, останаа без струја.

Едно лице се удави во неделата во југозападна Полска, пожарникар кој учествуваше во спасувачките операции загина во Австрија, а уште две лица загинаа во Романија, каде поплавите однесоа четири животи во саботата.

Градоначалникот на Будимпешта Гергељ Карачони денеска изјави дека на Будимпешта и се заканува најголемата поплава во последната деценија, а властите веќе почнале да се подготвуваат за претстојната катастрофа.

Поради огромниот пораст на водостојот на реката Дунав поради обилните врнежи во претходните денови, Будимпешта сериозно се подготвува за можни поплави.

Откако циклонот Борис донесе поројни дождови и катастрофални поплави во делови од Европа, властите во Будимпешта не препуштаат ништо на случајноста.

Шефот на Генералната дирекција за вода излезе со соопштение во Фрјсбук, во кое им дава упатства на жителите како да постапат и со кого да контактираат во случај на поплави.

Во овој момент, како што пишува унгарскиот портал Телекс, ангажирани се 350 војници, кои работат на спречување на катастрофа.

Поради сериозноста на ситуацијата, бизнисите и институциите во главниот град на Унгарија веќе започнаа со работа на заштита од поплави, објасни градоначалникот на Будимпешта.

Градоначалникот на Будимпешта го привлече вниманието на фактот дека сите возила кои се паркирани на одреден дел од кејот мора да бидат отстранети што е можно поскоро.

„Најголемата поплава во деценијата се приближува кон Будимпешта“, најави тој.

Посебно е важно автомобилите што поскоро да се отстранат, за да не мора подоцна надлежните да ги одземаат.

Вчера градоначалникот на Будимпешта објави трет степен на тревога од поплави, долж сите потенцијално опасни сектори покрај реката Дунав.

Последните прогнози укажуваат дека водостојот на Дунав во втората половина на следната недела ќе достигне максимални над осум метри.

Степенот на тревога ќе почне да важи од понеделник, соопштија од кабинетот на градоначалникот, пренесува Танјуг.

Прогнозите велат дека водостојот на Дунав и Лајта ќе го достигне, а можеби и ќе го надмине нивото на водата од 2013 година, кога Будимпешта беше погодена од невидени поплави.

И премиерот Виктор Орбан во неделата попладне рече дека неговата земја е подготвена да се брани од поплави и спомена три критични локации – Сигеткоз, свиокот на Дунав и самата Будимпешта.

Дури и некои политичари се приклучија на акцијата и помошта на насипите околу Дунав, меѓу кои и Петер Маџар и Естер Виталиос.

Јавниот превоз во ранливите области покрај реките, исто така, може да биде засегнат.

Слични содржини