Лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун ја унапреди својата сестра поставувајќи ја за член на политбирото – највисокото одлучувачко државно тело во земјата.

Неговата помлада сестра Ким Јо Јонг (28) и порано важеше за најмоќна жена во оваа „затворена земја“, а сега има уште поголема улога.
Таа позиција претходно ја имаше нејзината тетка Ким Кјонг Ху, која беше главен донесувач на одлуки уште во времето кога Ким Јонг Ил беше жив, а се зборуваше дека таа владеела место Ким Јонг Ун.
Меѓутоа, таа подоцна падна во немилост на Јонг Ун, и во моментот не се знае што се случило со неа. Објавени се многу верзии за тоа дека можеби е убиена, како и нејзиниот сопруг Џанг Сунг Таек, чие убиство го нареди Ким Јонг Ун.
„Ова покажува дека нејзиниот портфељ и писмените наредби се многу поважни отколку што порано верувавме и доказ е за понатамошната консолидација на семејството Ким“, вели Мајкл Маден, стручњак за Северна Кореја на Универзитетот „Џон Хопкинс“.
Сестрата на Ким Јонг Ун се повеќе напредува, а минатата година беше поставена за министер за пропаганда.
Во Северна Кореја овој викенд се одржува конгрес на Работничката партија и тоа по 36 години, а според стручњаците, се очекува сестрата на Ким Јонг Ун, Јо Јонг, да ја преземе важната улога во најтесното раководство на земјата.
Во јануари САД на црната листа ја ставија Ким Јо Јонг заедно со уште некои високи функционери на Северна Кореја поради сериозни обвиненија за кршење на човековите права.
Освен сестрата на Ким Јонг Ун, унапредени се и двајца од тројцата главни луѓе на ракетната и нуклеарна програма, Ким Јонг Сик и Ри Пјонг Чол.
Како што пишува „Гардијан“, и шефот на дипломатијата Ри Јонг Хо, кој американскиот претседател Доналд Трамп го нарече „претседател зло“ во бомбастичниот говор во Обединетите нации добил поголема улога во политбирото.
„Ри сега со сигурност може да се идентификува како еден од главните законодавци во Северна Кореја“, вели Маден.