Во обидот да ја продолжат трагикомедијата на лажната приказна за патриотизам, сега од мицковистичко дпмне смислија уште една мошне перфидна манипулација со која и Итар Пејо би се гордеел – да обезбедат поддршка од СДСМ за таа политичка будалаштина наречена одложено важење на промената на Уставот. Не знам дали од СДСМ се свесни за овој најнов политички трик на мицковистичко дпмне за нивно политичко маргинализирање па дури и политичко (само)убиство во врска со ЕУ-интеграциите и т.н. одложено важење/дејство на Уставните измени. Ми се чини дека во СДСМ сеуште не го разбираат политички валканиот модел и модус на мислење карактеристичен за мицковистичко дпмне, и со самото тоа ќе немаат никакви шанси да победат на избори, барем во следните 12 години. Без оглед на добриот почеток на новиот претседател на СДСМ и подзатскриената но сепак забележителна промена на некои идеолошки постулати кои се неопходни за современите геополитички процеси а уште повеќе за изборно соочување со оние од дпмне, недостигот на политичка имагинација и антиципација на новите и нови политички лаги и ефтини финти на дпмне останува нивен голем проблем. Фабриката за политички лаги и манипулации на мицковистичко дпмне работи деноноќно со цел да ја задржат власта, а за тоа време во СДСМ ги пропуштаат шансите за предизвикување на нови избори со техничка влада, како на пример можноста за фер договор со ДУИ за заеднички демократски протести и одземање на легитимитетот на владата и партизираните институции на системот.
Колку е драматична политичката борба и динамика за задржување на власта која ја наметнуваат добро платените државни и партиски функционери од дпмне може да се види и по најновата валкана политичка кампања која веќе започна а која, ако им успее, ќе ја засидри Македонија во децениска економска, политичка и општествена кал на тоталитарно владеење без сериозна опозиција и најдиректно ќе ги одземе можностите на СДСМ да бидат сериозен политички субјект. Станува збор за најголемиот проблем на мицковистичко дпмне за сопствениот рејтинг, за своето владеење, а тоа се промените на Уставот во однос со ЕУ-францускиот предлог односно заклучоците на ЕС и ЕК кои децидно истакнуваат дека преговарачкот процес со ЕУ ќе започне по исполнувањето на критериумот-условот за промена на Уставот односно внесувањето и на Бугарскиот (дел од) народ во Уставот на РСМ. Како што знаеме, за потребите на изборната победа, дпмне мицковистичко со години ја одбиваше таа идеја и конкретниот договор-предлог, и како и обично, глумеа патриоти, правеа протести со императивно НЕ за Бугари во Устав. За жал, успеаја во намерата убедливо да победат на изборите, во голема мерка и заради тоа што неинформираните гласачи им поверуваа дека тие нема да дозволат внесување на Бугарите во Уставот т.е. ќе го спречат наводниот процес на бугаризација со кои ги плашеа деноноќно преку гебелсовски агит-проп во окупираниот медиумски простор. Секако, и тогаш на секој нормален човек му беше јасно дека тоа е уште една гласачка, изборна измама, и дека нема да има бугаризација со Уставните промени, а уште повеќе ни беше јасно и дека дпмне мицковистичко ќе гласаат за тие Уставни промени.
И затоа сега имаат голем проблем – како да останат „патриоти“ кај гласачите а истовремено да не дојдат во судир со ЕУ, нивните коалициони партнери од Влен и потенцијално САД. И затоа смислиле детски трик – наречен одложено дејство на Уставни измени – нешто кое е надвор од секаква рационална можност, невидено во реалноста на меѓународните односи, невозможно според правната логика итн. Смешен е нивниот обид за споредба со малиот територијален спор на Словенија и Хрватска, како пример дека еве демек можело и така, со одложено дејство на Уставни промени – а несериозно е дури и да се спомене тој случај бидејќи нема ама баш никакви сличности со нашиот случај. Очекувано, тој нивен предлог беше веднаш одбиен од сите релевантни институции и органи на ЕУ, а бројни високи функционери децидно ја отфрлија таа детска финта и уличарски трик. Неодредените изјави од мицковистичко дпмне дека наводно тој предлог не бил директно одбиен се само очајна пропагандистичка игра и ништо повеќе –заклучокот на ЕК при одвојувањето на РСМ од Албанија во преговорите за интеграција во ЕУ е императивен – преговарачката рамка нема да се промени, критериумот за Уставните измени останува – па, Ана Писонеро во име на ЕК пред само неколку дена јасно и гласно го кажа тоа!
Најбитно е да се знае – долгодишното НЕ на мицковистичко дпмне за Бугарите во Устав – стана ДА за Бугарите во Уставот! Тој факт мора да им биде кажан јасно дури и на најфанатичните нивни гласачи – дпмне мицковистичко заговара и бара промена на Уставот според Францускиот предлог, истиот оној за кого со недели ги влечкаа по жешките улици со маички на кои пишуваше НЕ! Дури и со одложено дејство, сепак – Буарите ќе бидат во Устав, гласани најпрво и токму од дпмне мицковистичко. Знаејќи дека ова ќе има тешки последици врз нивниот рејтинг и лажниот наратив дека се патриоти, трикот е да ги примораат СДСМ да го поддржат тоа за некакво одложено дејство, и потоа да продолжат да си играат дипломатија односно да владеат. Во случај да успеат, во што лично не верувам, дпмне мицковистичко ќе имаат двојна политичка и гласачка добивка – ем ќе испадне дека се патриоти кои, ете, сепак успеале да го променат она што претходно СДСМ го прифатиле, ем пред ЕУ како алиби ќе можат да кажат дека сите во РСМ се согласни и единствени за таа (сега веќе државна)позиција за одложено дејство на Уставните промени. Белким во СДСМ се свесни што ги очекува ако паднат во оваа толку провидна и ефтина пропагандистичка стапица – тие тогаш ќе бидат двојни губитници, ем ќе испаднат „предавници“ по свое признание бидејќи се согласиле дека згрешиле штом сега ги менуваат позициите, ем во ЕУ ќе ги третираат како приврзок на мицковистичко дпмне.
Медиумската машинерија на дпмне мицковистичко веќе ја започна кампањата за „убедување“ на СДСМ, потпомогнати од квази новинарчиња и партизираните квази –тв, дури претставувајќи го одложеното дејство на Уставните промени како некој акт на патриотизам, верувале или не! Сега, за нив Бугарите во Устав (макар и со одложено дејство) наеднаш им стана патриотизам! Иронично, шашаво но функционира кај припростите гласачи, да парафразираме еден поранешен претседател во неговата славна изјава. Космодиск за разочараните патриоти од дпмне би бил токму наративот дека, ете, дпмне сепак не го прифатиле „предавството“на СДСМ и не прифатиле диктат со Бугарите во Устав – а да, прифатиле, ама со одложено дејство. Да не е смешно, ќе беше трагично, но овде кај нас како одамна да си отишла секоја логика и рационалност .
Сепак, ова може да им успее единствено ако СДСМ се толку наивни па влезат во оваа политичка валкана игра на дпмне мицковистичко. Тие просто мора јасно и гласно да кажат дека овој обид на дпмне со одложено дејство е само обична пропаганда за рејтинг, и никако не смеат да бидат вовлечени во схоластички дебати за одложено дејство, ниту на затворени ниту на отворени собраниски седници. Бугари во Устав беше и е ЕУ предлог со неколку позитивни консеквенци, како на пример фактот дека така уставно ќе биде направена дистинкција меѓу Бугарскиот народ и Македонскиот народ; дополнитено, се оневозможуваат евентуални понатамошни ирационални барања од Бугарија и постои можност за анулирање на проблемите со протоколите односно историската комисија во која сега дпмне мицковистичко вдомија нови персони. СДСМ мора да им каже на гласачите за оваа ефтина игра, детски трик – да му каже на народот за политичкото лицемерие на дпмне и нивниот бизнис интерес да останеме како држава и народ, граѓани, надвор од богатата ЕУ, додека тие со 3000 евра функционерски плати раскошно си живеат. Дека овој трик за одложено дејство е примарно со таа цел – да го одолговлече интегрирањето на Македонија во ЕУ и подобриот живот за сите, а не само за функционерите на мицковистичко дпмне, Влен и Знам, како и да го задржи кај припростите гласачи илјада пати демистифицираниот мит дека од дпмне мицковистичко се некакви патриоти, а не буџетари со ненормано големи плати.
Д-р Тони Науновски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.