Во првото чистење на партијата, осуммина поранешни високи функционери на чело со Сашо Мијалков заминуваат од врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Никола Груевски засега останува лидер на партијата, а по правило прво се чистат другите а се оставаат најверните.

ВМРО-ДПМНЕ синоќа избра нови 19 членови на Извршниот комитет (ИК) на партијата, а меѓу нив повеќе не се осум од досегашните високи функционери, од кои повеќето се споменуваат во „бомбите“ кои ги објави опозицијата.
Во новиот ИК не се поранешните министри Владимир Пешевски, Емил Димитриев, Зоран Ставрески, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески и Кирил Миновски, како и блиските соработници на Никола Груевски, Мартин Протоѓер и Сашо Мијалков. Поранешниот директор на УБК, очигчедно претходоно информиран побрза да соопшти дека сам се повлекува од сите функции на партијата додека против него течат судските процеси кои ги покрена Специјалното јавно обвинителство.
Од досегашните членови, во извршниот комитет на партијата остануваат Илија Димовски, Владимир Ѓорчев, Никола Попоски, Никола Тодоров, Даниела Рангелова и Коце Трајановски.
На синоќешниот состанок, кој траеше речиси до полноќ, се избраа 19 нови лица. Пратеникот Антонио Милошоски, соопшти дека директорот на ЕЛЕМ, Христијан Мицкоски е новиот Генерален секретар на партијата. Тој доаѓа на местото на поранешниот технички премиер Емил Димитриев, кој неодамна изјави дека на партијата и е потребно освежување.
Во новиот состав на ИК влегоа Никола Србов од „Стоп операција Сорос“, активистот Богдан Илиевски од „За заедничка Македонија“, поранешниот портпарол на Влада, Александар Георгиевски, како и пратениците Ане Лашкоска и Зеќир Рамчиловиќ, поранешниот министер за странски инвестиции Џери Наумоф.
Никола Груевски засега останува лидер на партијата, а по правило прво се чистат другите а се оставаат најверните.Тие ќе треба да направат обид да му ја зачуваат и засилат позицијата на лидерот напартијата кој ја донесе владеачката ВМРО ДПМНЕ во опозиција, меѓународно ја изолира и ја криминализира партијата.