Една деценија можеби и не ни се чини како долг временски период, но факт е дека може да се случат најразлични промени кои целосно го менуваат начинот на кој претходно сме живееле.
Некои промени се нагли, други постепени, но како и да е, тие ја дефинираа изминатата деценија, од почетокот на 2010, до самиот крај на 2019 година.
1. Појавата на Инстаграм
Официјално, првата фотографија е прикачена на 16 јули 2010 година, а комерцијална популарност оваа социјална мрежа доби во 2012 година, кога луѓето станаа „зависни“ од објавување слики со најразлични филтри и ефекти. Денеска ситуацијата е многу поинаква и Инстаграм е вистинска платформа за маркетинг, пласирање продукти, стекнување лесна слава, соработки и заработки и инфлуенсерство.
2. Го преживеавме крајот на светот
Се сеќавате на пророштвото на Маите дека светот ќе заврши на 21.12.2012? Е па добро е, живи сме, немаше никаков колапс, никаква катастрофа, ниту апокалипса.
3. „Gangnam Style“ стана најгледано видео на Јутјуб
Јужнокорејскиот музички хит стана светски феномен, а воодушевувањето од песната не запира ниту денеска.
4. Ice Bucket Challenge
Моќта на интернетот се користи и за многу предизвици од кои едни се опасни и бессмислени, но има и такви кои во себе носат силна порака за помош одредени групи луѓе. Овој предизвик вклучуваше полевање со ладна вода, во знак на поддршка на болните од амиотрофична латерална склероза.
5. Револуција во емотиконите
Популарните „смајлиња“ добија и родова и расна определба. На паметните телефони постои опција да изберете дали сакате да испратите женско „смајли“, но и да ја дотерате бојата на тенот, фризурата, лакот за нокти…
6. #MeToo
Ова движење започна со првото обвинување против продуцентот Харви Вајнстин, кој е обвинет од страна на многу жени од бизнисот дека им барал сексуални услуги, дека ги напаѓал и злоупотребувал… Ова мотивираше многу жени конечно да прозборат за тешките моменти од своето минато.
7. Доналд Трамп стана претседател на САД
Трамп победи на претседателските избори во САД во 2016, а со тоа се остварија и некогаш сатиричните идеи „што би било кога Трамп би бил претседател“, што беа тема во многу филмови, серии, сценарија…
8. Марихуана во сè
Во текот на оваа деценија најголемиот дел од светот се ослободи од стигмата дека марихуаната е штетна, па станаа свесни дека со правилна фармацевтска обработка всушност може да биде лек. Денеска се користи како третман против анксиозност, се додава во козметички производи, а има и докажани дејства во намалување на болките.
9. Стриминг револуција
Дали пред 10-12 години можевре да замислите дека за сума поевтина од кабелска телевизија можете на дофат да ги имате сите светски популарни филмови и серии? Денеска тоа е можно со платформите како Нетфликс, ХБО, Епл ТВ, Амазон прајм, Дизни+, Хулу и уште многу други од кои дел се достапни и кај нас.
10. Климатски промени
За жал, ситуацијата е алармантна. За првпат во историјата е постигнат Париски климатски договор со кој е одредено дека секој мора да придонесе за спас на планетата. Многу групи, но и поединци се истакнуваат со својот активизам за зачувување на природата, а се чини дека и целото општество на глобално ниво веќе се буди и станува свесно за проблемите со кои се соочува целиот свет.