Под мотото „Развој за сите“, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на отворањето на 84-от Меѓународен саем во Солун ја претстави владината програма за следните 12 месеци, соопштувајќи мерки во четири области поврзани со развојот и најави даночни олеснувања што ќе бидат вклучени во буџетот за 2020, jави дописничката на МИА од Атина.![]()
Тој рече дека во неговиот прв говор како лидер на опозицијата го повикал народот на „Договор на вистината“, а сега во првиот говор како премиер, ги повика Грците на „Договор на создавање, активност, резултат, обнова и напредок“. Истакна дека земјата свртила нова страница и „тоа се гледа на лицата на граѓаните“.
-Грција не е повеќе црна овца во Европа. Туку е земја со самодоверба што активно учествува во европските случувања. Што не говори само за нејзините проблеми, туку бара заеднички решенија за големите предизвици на нашиот континент. Од климатските промени и технолошката револуција до бегалското прашање и можностите на заедничка одбранбена политика, рече Мицотакис.
Во 75-минутното обраќање, тој акцентот го стави на развојот и економијата, како клучни за секој чекор на земјата, но и услов за безбедноста и просперитетот.
-Четири се главните области, чии активности ќе му служат на развој: Даночна политика, инвестиции, односите на работниците и продуктивната дигитална држава, рече грчкиот премиер.
Меѓу другото, Мицотакис најави намалување на данокот на бизнисите од 28 на 24 отсто; пролонгирање за три години на ДДВ-то за новите градби; 40 отсто попуст за трошоците за реновирање или надградба на постоечките објекти; производите за бебиња, детските седишта и кацигите се вклучуваат во категоријата со намалено ДДВ од 13 отсто; за секое новороденче во 2020 семејството ќе добие 2000 евра.
Во однос на инвестициите истакна дека веќе се работи на многу бизнис планови планирани до крајот на оваа година, а најави и инвестиции во туризмот, како и нови поволни услови за инвеститорите.
-Веднаш ќе се одредат поповолни услови за привлекување стратешки инвестиции. Ќе се поедностават лиценците поврзани со животната средина според европските стандарди. Се олеснува и поставувањето деловни паркови. За информирање и привлекување инвеститори, ќе се формира Регистар со инфраструктура на целата земја и дигитална мапа, истакна грчкиот премиер говорејќи за инвестициите.
Тој говореше и за владината цел за заштита на вработените како и отворање нови работни места.
За четвртата област, за дигиталната реалност рече дека Грција е меѓу последните на сите дигитални индикатори, се наоѓа на 26 позиција од 28 земји членки на ЕУ и истакна дека нивна заложба е во следните четири години, Грција да се најде во просекот.
При крајот на обраќањето, во делот од говорот што се однесуваше на Северна Грција, Кирјакос Мицотакис се осврна и на промоцијата, заштитата и зајакнувањето на производите што го носат називот „македонски производи“ и на брендот „Македонија“.