Претседателот на Србија, Александар Вучиќ синоќа предложи да се воведе мораториум за издавање дозволи за поседување и носење оружје во следните две години, како и да се изврши ревизија на сите издадени дозволи за поседување оружје, после трагичниот настан што се случи вчера во основното училиште во белградската општина Врачар.
Тој на вонредната прес-конференција предложи десет мерки кои треба да спречат вакви настани во иднина, меѓу кои е и мерката за намалување на границата на кривичната одговорност од 14 на 12 години.
Кога станува збор за ловечко оружје:
1. Воведување мораториум за издавање дозволи за чување и носење оружје во следните две години.
2. Спроведување ревизија на сите издадени дозволи за поседување оружје.
3. Контрола на начинот на кој лицата кои имаат дозвола држат оружје. Конкретно, проверка дали се исполнети законските барања за безбедно сместување и складирање на оружје. Да се обрати внимание дали оружјето се чува одвоено од муницијата и дали е достапно за малолетници и други неовластени лица.
4. Контрола на работата на сите стрелишта во Србија и дали малолетниците имаат пристап до нив, што е веќе наведено во законите.Да се донесат прописи за условите и начинот на користење на стрелиштето, вклучително и забрана за пристап на малолетници, лица лишени од деловна способност и осудени лица.
Како што рече Вучиќ, некои од овие одредби постојат, но некои се недоволно јасни со недоволно јасни санкции.
5. Пропишување кривична и законска одговорност за лицата кои овозможуваат малолетници да поседуваат огнено оружје и кои ги обучуваат да ракуваат со огнено оружје.
6. Можност за намалување на старосната граница за кривична одговорност од 14 на 12 години. „Со почитување на меѓународните и европските стандарди“, нагласи Вучиќ.
Српскиот претседател додаде дека постои страв дека момчето знаело дека не може кривично и правно да одговара.
7. Заострување на санкциите за непочитување на обврските на давателите на медиумски услуги, вклучително и Интернет телевизија и други електронски медиуми и социјални мрежи. Забрана за програмски содржини кои нагласуваат и поддржуваат насилство, криминално и друго незаконско однесување, емитување сцени на брутално насилство и други содржини кои можат да му наштетат на здравјето на малолетниците.
8. Да се воведат задолжителни шестмесечни нарко тестови во средните училишта.
9. Организирање на специјални служби и мобилни тимови за врсничко насилство во центрите за социјална работа кои би реагирале на случаи на насилство од врсници.
10. Да се размисли за воведување за забрана на пристап до Дарк нет и слични страници кои содржат совети за тоа како да се изврши убиство, да се набави дрога или огнено оружје.