Намирници кои го намалуваат ризикот од замастен црн дроб

од Stefanija Kuzmanovska
511 прегледи

Здравјето на црниот дроб е од витално значење за функционирањето на целиот организам, бидејќи овој орган го чисти телото од токсините заедно со бубрезите. Затоа е важно да го одржувате во добра состојба, а здравата и урамнотежена исхрана е клучна.

Што и да јадете, потрудете се да го дознаете потеклото на храната и следете ги состојките на пакувањето. Едуцирајте се за различни соединенија кои не ви звучат познато. Сепак, едно од најважните правила е да консумирате храна направена од цели зрна, т.е. интегрални житарки, а експертите тврдат дека тоа може да го намали ризикот од замастен црн дроб.

Во наодите објавени во списанието Clinical Nutrition, научниците зад студијата анализирале 14.968 учесници, од кои 42,2 отсто биле мажи и 57,8 отсто жени, од кои сите биле жители на Тијанџин, Кина. Учесниците пополнувале прашалници за нивната типична исхрана.

По шест години, истражувачите ги преиспитале здравствените маркери на оние кои немале никакви здравствени проблеми како што се рак, кардиоваскуларни болести или заболување на црниот дроб, вклучително и алкохолна масна болест на црниот дроб и безалкохолна масна болест на црниот дроб (NAFLD).

Тие откриле дека оние кои редовно јадат храна од цели зрна имаат помали шанси да развијат безалкохолни масни заболувања на црниот дроб.

„Резултатите од нашата студија покажаа дека поголемата конзумација на цели зрна е поврзана со намален ризик од NAFLD кај возрасните Кинези“, потврдија авторите на студијата.

Покрај тоа, „храната од цело зрно е богата со голем број корисни хранливи материи и се смета дека игра улога во спречувањето на хронични болести“.

Бројни студии покажаа дека интегралните житарки можат да помогнат во спречување на кардиоваскуларни болести, дијабетес тип 2 и рак, а истовремено го подобруваат и дигестивното здравје.

Слични содржини