Напади на Америка и Британија, Хутите се закануваат со одмазда: „Ситуацијата може да ескалира дури и со нуклеарен удар од страна на Израел врз Иран што ќе предизвика верижна реакција“

од Nikola Popovski
863 прегледи

Американската војска и нејзините сојузници извршија напади врз повеќе од 60 цели на 16 локации што ги користат бунтовниците Хути во Јемен. Официјален претставник на Хутите им порача на САД и Велика Британија дека „ќе платат висока цена“. Иран, либански Хезболах и Кина со осуда за нападите, а Русија бара итна седница на Советот за безбедност на ОН. Во исто време, Израел одговари на обвиненијата за геноцид против Палестинците.

Дали Блискиот Исток е на работ на катаклизма и дали постојат правни инструменти за да се спречи понатамошно ширење на војната?

-Генерално прашањето засега нема да има поголемо влијание на светски план. Сепак, ако ситуацијата ескалира и го пламне Блискиот Исток, како што има потенцијал, во тој случај може да има каскадни ефекти и тоа во неколку насоки. вели во разговор за „Локално“, универзитетскиот професор Методи Хаџи-Јанев. Не се сложува дека политиките на САД не се успешни во конфликтите во Украина и Газа, па оттаму интервенцијата во Јемен.

-Прво во Украина, Русија се уште не ја остварила целта на специјалната воена операција. Не заборавајате дека основната цел беше смена на режимот во Украина, окупирање на целата територија и воведување на режим кој би му одговарал на Кремљ. Точно е дека ниту на Украинците не им оди најдобро и дека ситуацијата по однос на нивните цели Русија целосно надвор од Украина станува невозможна мисија ради низа околности, ама поентата ми е дека ниту една од двете страни не можеме да кажеме дека до сега ги имаат остварено целите до крај. Во однос на Палестина, исто, САД и покрај жестоките критки на целата светска јавност упатени на контото на Изарел, барем официјално го поддржува Израел и тоа на голема врата, сакате дипломатски (преку Советот за безбедност и блокада на носење неповолни резолуции за Израел, или во спречување на се арапски сојуз против Израел), сакате економски со воената помош која му се испраќа на Израел, констатира професорот.

Методи Хаџи Јанев

Директната интервенција, оценува Хаџи Јанев, е повеќе одвраќање за Иран и праќање на порака дека САД во Блискиот Исток има црвени линии кои се подготвени да ги бранат со сила.

-Дали и до кога ќе може да играат со ваков еластичен пристап, кој ќе биде внимателно дизајниран треба да видиме. Тоа секако тоа ќе зависи од други фактори, на пример прво, состојбата на Пацификот – конкретно Северна Кореја Јужна Кореја, и Кина наспроти Тајван, второ, развојот на конфликтот во Украина (таму Русија дебело се подготвува за нова офанзива со која се стреми да заземе поголем дел од Украина-од она што до сега го контролира), трето од ситуацијата во Африка, и секако останатите делови од светот кои се со помал интензитет на опасност вклучувајќи го и Балканот, потенцира соговорникот.

На прашањето кој стои зад Хутите и нападите на бродовите во Црвеното море, што беше почеток за интервенцијата на САД, Хаџи-Јанев тврди дека е дело на Иран, кој цело време ги поддржува властите во Јемен, уште од почетокот на граѓанската војна од 2014 година, се додека во 2020 сегашните власти не успеаја да ги истиснат политичките противници од главниот град Сана и поголемиот дел од Северен Јемен.

-Свикувањето на седницата на СБ ќе има за цел да продолжи од последната интервенција на ООН во јуни 2022 година, иако како стојат работите тоа тешко ќе резултира со некаква ефективна разрешница. Оттука, гледано во контекст на воените дејствија во Газа, ескалацијата на конфликтот е можна само ако Иран сепак оди на се или ништо што може да ескалира дури и со нуклеарен удар од страна на Израел врз Иран, што секако ќе предизвика верижна реакција која има опасен потенцијал. Да се надеваме дека до тоа нема да дојде, заклучува Хаџи Јанев.

Хутите соопштија дека нема да запрат со нападите на бродови во Црвеното Море кои пловат кон Израел или се поврзани со него. „Американскиот и британскиот непријател ја преземаат целосната одговорност за нивната криминална агресија врз нашиот јеменски народ, која нема да помине без казна. Оваа брутална агресија нема да го одврати Јемен од неговата позиција за поддршка на навредениот палестински народ“, изјави генерал Јахја Сари, воен портпарол на Хутите.

Ова е прв напад врз Хутите откако групата, со беспилотни летала и проектили гранатираше товарни бродови во Црвеното Море, во ноември. Советот за безбедност на ОН пред два дена усвои резолуција со која од јеменските Хути побара да запрат со напади врз комерцијални и трговски бродови.

Н.П.

Слични содржини