Група од 30 млади го нападнала со навреди и предупредувања грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис кој вечерал со својата сопруга Дана Страту во ресторан во центарот на Атина, соопшти весникот “Катимерини”. Имало и фрлени стаклени чаши кон министерот.Инцидентот се случил синоќа околу 11 часот по локално време.
Според полицијата реонот на населбата “Егзархија”, каде бил Варуфакис, е познат како место каде се собираат анархисти. “Целта на нашите напаѓачи не беше да ни наштетат, туку да нѐ натераат на бегство”, рече по инцидентот Варуфакис.
Грчкиот министер првично бил навредуван и предупредуван од групата поради своите политички активности и бил принуден да го напушти локалот. Префрлувањата сепак продолжиле и надвор. Нема податоци за насилство спрема двајцата, но сведоци тврдат дека разговорите воопшто не биле пријателски.
На крајот Варуфакис и неговата сопруга ја напуштиле областа.
