За рок од два дена казнети се 33 субјекти кои не ја почитувале владината мерка за намалување на маржата или не поседувале евиденција за одредени производи, за „Локлано“ информираат од Државниот пазарен инспекторат.
-На ден 11.03.2022 и 12.03.2022 година од Државниот пазарен инспекторат извршени се вкупно 162 вонредни инспекциски надзори во трговија на мало и големо , а за контрола на Одлуката на Влада за посебни услови во трговијата на одделни производи (Сл.Весник на РСМ бр.51/2022). Во 130 контролирани објекти во трговија на големо, мало и пекари констатирано дека цените кај лебот, маслото и брашното се по набавни цени, кај другите производи цените се усогласени со 3% маржа на мало, а некаде беше во тек усогласувањето.Неправилности се утврдени 33 субјекти, за што по Законот за трговија, согласно големината на субјекот изречени се соодветни санкции, информираат од ДПИ.
Инспекторите на терен утврдиле непрвилности во неколку градови на територијата на Република Северна Македонија и тоа во: Скопје, Струга, Охрид, Тетово, Струмица, Гостивар и Пробиштип.
-Доколку трговците не се придржуваат до оваа одлука согласно Законот за трговија ќе следуваат глоби во износ од 800 до 1.000 евра во денарска противвредност за микро трговец, од 1.600 до 2.000 евра за мал трговец, од 3.000 до 6.000 евра за среден трговец и од 7.000 до 10.000 евра во денарска противвредност за голем трговец, објаснуваат од ДПИ.
Министерот за економија Крешник Бектеши кажа дека за применување на одлуките на Владата терен се инспекторите на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), а согласно извештајот од минатата недела веќе се изречени и казни за трговците кои што не ги почитувале одлуките.
-Во однос на прекршоците минатата недела ДПИ утврди неколку прекршоци во Скопје во неколку поголеми супермаркети кои се казнети. Се работи за седум супермаркети кои согласно прекршоците се казнети со по 7.000 евра за непочитување на одлуките. Имајќи го во предвид извештајот на ДПИ, Министерство за економија прати допис до Инспекторатот да го применуваат и да постапуваат и согласно Законот за потрошувачи каде што е предвидено ако се повторат такви прекршоци инспекторите може да изречат и казна забрана за вршење на дејност и до една година за нечесни практики кои се прават во трговијата посебно кога има одлуки на Владата, кажа Бектеши.
Лебот, зејтинот и брашното тип 400 од 10 март, според одлуката на надлежните низ продавниците се продава по набавна цена, додека за другите основни прехранбени производи се намалува маржата на 4 проценти во трговијата на голема и на три процени во трговијата на мало.