Напорно се работи на случајот на С.Македонија, ЕУ членките бараат решениe за согласност

од Берта Китинска

Имаме шанса за блиско пријателство и соработка со Бугарија, смета вицепремиерот за европски рашања Никола Димитров кој додава дека голем број земји членки на ЕУ, сметаат дека потребна е меѓувладина конференција и со С Македонија и со Албанија,.

-Дефинитивно ќе има обид за две меѓувладини конференции. Треба да видиме што ќе се случи со владата во Бугарија и преговорите. Но сепак не можеме се да оставиме на чекање. Мора да се обидуваме, мора и на соседна Бугарија да и објасниме каков е влогот. Имаме шанса за блиско пријателство и соработка и дали е историски мудро Бугарија да биде пречка за ЕУ интеграција на нашата земја, рече Димитров во гостувањето на Топ Тема на ТВ Телма.

Според него, за отстранување на ветото од Софија, треба да прифатиме каква било помош од сите добронамерни фактори и оти немаме од што да се срамиме, бидејќи нашата позиција е кристално чиста и се потпира на европските принципи.

-Апсолутно заслужуваме почеток на преговори. Ако Австрија има стратешки интерес ова да успее веројатно нашите соседи-земји членки имаат уште поголем интерес ова да успее. Ние сме тие што во иднина треба да бидеме европски сосед. Многу земји во ЕУ имаат историски проблеми, но нашле начин стратешки да работат заедно. Наш приоритет е стратешки поддржувачи да ни бидат Грција и Бугарија, вели Димитров.

Тој потврди дека ќе биде дел од преговарачкиот тим во надминување на спорот со Софија.

-Мојата грижа за македонскиот идентитет е прашање што е многу поважно од мојата политичка кариера. Апсолутно ќе бидам дел од какви било претстојни разговори. Бев предводник на изборна листа во Скопје и бев избран. Тоа им го должам на граѓаните, изјави вицепремиерот Димитров.

За отворање на преговорите потребен е напредок од Скопје и од Софија

Работиме со членките на ЕУ да се најде решениe и да се постигне согласност, изјави еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји,

За одвојувањето на Скопје и Тирана, Вархеји рече дека пристапниот процес се базира на постигнувања.

– Ова е процес кој се базира на постигнувања. Албанија ги има постигнато условите, но ако нема договор за Северна Македонија мислам дека ќе дојде момент кога ќе треба да ја разгледуваме и таа опција. Разговаравме со Заев за ова прашање, се согласивме дека ќе мора да се постигне напредок од двете земји, рече Вархеји.

Тој појаснувајќи една своја поранешна изјава, нагласи дека самото вето е драматизирање, и подвлече дека ЕК работи на тоа да се вратат работите во нормала колку што е можно побрзо.

-Враќање во нормала значи постигнување на договор помеѓу двете земји. Договор значи закажување на првата Меѓувладина конференција помеѓу Бугарија и С Македонија и се разбира токму ова е тоа на кое ние како ЕУ работиме сега, рече еврокомесарот Вархеји кој  во рамки на неговата балканска турнеја  по повод пристигнувањето на првите вакцини против Ковид-19, финансирани од ЕУ заедно со премиерот Зоран Заев одржа заедничката прес-конференција на вакцинален пункт во салата Борис Трајковски.

Австриската министерка за Европа и Устав Каролине Едштадлер повтори дека Виена ја поддржува евроинтеграцијата на С Македонија која сработи многу за да го постигне статусот на земја кандидат. Се надева дека блокадата од страна на Бугарија ќе се отргне и дека РС Македонија ќе остане на масата на разговори кои треба да ги продолжат двете земји.

-Ќе направиме се што е можно, Австрија ќе продолжи со поддршката со цел да се забрза темпото и да започнат пристапните преговори што е можно побрзо, затоа што не смееме да губиме време и не смееме да го изгубиме моментумот, вели Едштедлер.

Слични содржини