Напредок за едно место во извештајот на„Фридом хаус“: „С. Македонија продолжува да се бори со корупцијата и клиентелизмот“

од Берта Китинска

Слободата се соочува со страшна закана на глобално ниво, а осум од десет жители на планетата денес живеат во земја која не е слободна или е само делумно слободна, се вели во најновиот извештај на „Фридом Хаус“.

„Ширум светот, непријателите на либералната демократија – форма на самоуправа во која се признаваат човековите права и секој поединец ужива еднаков третман пред законот – ги забрзуваат своите напади“, предупреди меѓународната невладина организација.

Меѓу земјите од Западен Балкан во календарската 2021 година, на кои се однесува истражувањето, најмногу напредуваше Црна Гора. Косово и Северна Македонија имаат поблаг тренд на напредок, додека оценката на Босна и Херцеговина е непроменета. Србија направи уште еден чекор назад и повторно е на листата на оние кои најмногу заостанале во последните десет години.

Како и во претходниот извештај, сите земји од Западен Балкан се окарактеризирани како – делумно слободни земји.

Најслободни земји во регионот се Црна Гора и Северна Македонија со скор 67. Во споредба со претходниот извештај на „Фридом Хаус“, Црна Гора напредувала за четири, а Северна Македонија за еден поен.

Како што вели извештајот, Северна Македонија продолжува да се бори против корупцијата и клиентелизмот. Додека медиумите и граѓанското општество се вклучуваат во силен јавен дискурс, новинарите и активистите продолжуваат да се соочуваат со притисок и заплашување.

Како се толкува извештајот на Фридом Хаус?

Што значи ова и како Фридом Хаус ја мери слободата во светот? Имено, се оценува состојбата на слободата во 195 земји и 15 територии, така што секоја од нив добила оценка од 0 до 4, по низа од 25 индикатори (групирани во две категории: политички права и граѓански слободи), што дава максимална оценка од 100. Конечно, врз основа на резултатите, земјата или територијата добива статус на слободна, делумно слободна или неслободна.

Околу 38 отсто од глобалното население живее во неслободни земји, што е највисок процент од 1997 година. Вкупно 60 земји претрпе пад во слободата, додека само 25 се подобрија.

„Фридом хаус“ оценува дека и покрај јасните аргументи во корист на демократијата, изминатите 16 години јасно покажаа дека ниту распространетоста на демократските идеи ниту извесноста за глобален напредок кон демократијата не може да се земаат здраво за готово.

Сегашната закана за демократијата, велат тие, е производ на 16 последователни години на паѓање на глобалната слобода.

„Автократите остануваат решени да ја задржат и прошират својата моќ и ќе продолжат да остваруваат придобивки сè додека поборниците на демократијата тоа го дозволуваат“, се вели во извештајот.

Слични содржини