Министерството за внатрешни работи ја заврши постапката за набавка на налепници со новата ознака „НМК“. Добитник на тендерот е компанијата КВАНТУМ од Скопје заедно со германската „ЕХА Хофман интернационал“.
За оваа цел, МВР ќе потроши 141,6 милиони денари (2,29 милиони евра) во период од три години колку што предвидува договорот за набавката.
Според договорот објавен на страницата на електронскиот систем за јавни набавки компаниите кои го добиле тендерот, за чифт регистарски таблички понудиле цена од 540 денари плус ДДВ од 97,2 денари, односно 637,2 денари.
Првата испорака треба да почне 30 дена од потпишувањето на договорот, а набавката ќе се реализира според потребите кои ќе ги утврди МВР.
Инаку, обврската за замена на сите регистерски таблички кои не ја содржат ознаката на НМК е најдоцна до 12 февруари 2024 година.
Поставувањето налепници со ознака „НМК“ на регистарските таблици, според образложението од МВР, ќе биде олеснување и за транспортерите кои патуваат во Европската Унија. На овој начин тие имаат можност, на траспортните возила да ги задржат постоечките таблици, со што ќе бидат заштитени од потребата за промени во целокупната документација во државите членки на ЕУ.
Обврската за користење на кодот НМК на регистарските таблички произлезе од Преспанскиот договор.