Наскоро ќе има нови, евтини летови до атрактивни дестинации

од Vlatko K
85 прегледи

Авиокомпанијата „Визер“ попладнево соопшти дека авиолиниите од Скопје до Ваксјо и Барселона и од Охрид до Лондон се оптимизирани според барањата на пазарот и ќе бидат функционални само во летната сезона. 

– Наскоро, авиокомпанијата ќе го објави летниот распоред за 2019 година и патниците ќе можат веќе да ги планираат своите патувања и да ги резервираат своите карти на Wizz рутите од Македонија, се наведува во изјавата од авиокомпанијата.

Оттаму посочуваат дека вообичаена пракса во авионската индустрија е фреквенциите на летовите да се менуваат според патните периоди и перформансите на рутите и оти „Визер“ постојано ги следи перформансите на своите рути за да овозможи најпопуларните дестинации да имаат најниски цени.

– Wizz Air ја нагласува својата посветеност на македонските корисници преку постојано проширување на својата мрежа со ниски цени и создавање на повеќе достапни туристички патувања од аеродромите во Скопје и Охрид. Wizz Air во моментов нуди 30 рути до 14 земји со капацитет од 1,6 милиони седишта, остварени во продажба во 2018 година, што претставува раст од 23 проценти во споредба со 2017 година. Оваа година, авиокомпанијата го зголеми капацитетот на своите седишта со замена на 2 Аирбус А320 авиони од локалната флота со два нови Аирбус А321 и најави една нова рута од Охрид до Виена, која започнува во ноември, информираат од авиокомпанијата. 

На официјалната веб страница на авиокомпанијата не може да се резервираат билети од Скопје до Барселона и Ваксјо и од Охрид до Лондон. Последниот лет од Скопје до Барселона за кој може да се резервира билет е 26 октомври, а од Охрид за Лондон 24 октомври. По 16 септември веќе не можат да се купат и билети за летовите од скопскиот аеродром до Ваксјо во Шведска.

„Визер“ беше единствената компанија која се пријави на тендерот за доделување на субвенции за нискобуџетски компании што беше поништен минатата недела.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска најави дека деновиве ќе биде објавен нов тендер за финансиска поддршка на нискобуџетски летови. 

Според Министерството за транспорт и врски, нови, евтини и поволни летови до атрактивни дестинации за граѓаните на Република Македонија ќе има, а средствата за поддршка на авиопревозниците се обезбедени од неговиот буџет.

– Заинтересираните авиокомпании кои ќе се пријават на јавниот повик треба да поднесат уредно и целосно пополнети пријави во предвидениот рок, согласно законските прописи и наведените услови. Согласно својата деловна политика, секоја авиокомпанија самостојно одлучува за релациите на кои ќе сообраќа. Преку новиот јавен повик ќе се избере компанија која во целост ќе ги исполни барањата и ќе понуди најголем број нови дестинации., наведува Министерството.

Слични содржини