„Шарените“ во Влада – вртлогот на сопствената сатира

од desk4
97 прегледи

Кога амбиициите ќе те втурнат во вртлогот на сопствената сатира, револуционерното шаренило се претвора во владина белина. Секторот за односи со јавноста посладок од чоколада, информира ТВ24.

За среќа, чоколадата ни е омилена, а замислете леб да сакавме. 2017 им го трасираше патот до Владата на влијателниот твитерџија, надежниот поет и легендата на македонскиот хумор. Овој пат, на јавноста воопшто не и беше смешно. Или можеби и беше. Оној кој пукаше по режимот со твитови сега го насочува твитер топот кон медиумите, пардон, ќе советува други како да го прават тоа.

Се надеваме дека дека Владата нема да го остави без две плати. К 15 не е дискутабилен. Уметниците годинава, најмногу се поклонија пред политиката. Дозреаноста на Фејсбук поетот и неговата компетентност, преку секторот за односи со јавност, го поставија и симнаа од претседателското место во Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата.

Младоста беше клучен противаргумент на реномираната манифестација. Откако попушти под непоетскиот јавен притисок, остана засолнет, секако, во секторот за односи со јавноста.

За Цацко нема што да се каже, се сме виделе. Цацко е институција, сега веќе и владина. Местото се наоѓа, се разбира, во секторот за односи со јавност. Советодавната функција се оправдува со повеќе од дведецениско медиумско искуство и публицитет толку голем, што ниту блокадите од телевизиите и партиите не ги урнаа од тронот на популарноста. Напротив. После 24 години превласт врз иронијата на менталитетот, омилениот Цацко ја усовршил математиката на процентуалната критика.

Толку добро што заслужил да ја советува Владата. Истата онаа Влада од која порано си го пазеше точакот. Додуша, оваа е малку побарокна.