НАТО ги повика Белград и Приштина да се воздржат од понатамошна ескалација

од Nikola Popovski
406 прегледи

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг укажа на важноста на мисијата на КФОР на Косово и ги повика Белград и Приштина да се воздржат од дејствија кои би можеле да доведат до натамошна ескалација.

„Ги повикуваме двете страни да се воздржат од се што може дополнително да ги ескалира тензиите и веднаш да се вратат на дијалогот, со посредство на Европската унија, што е единствениот пат напред“, рече Столтенберг за време на разговорот со естонската премиерка Каја Калас, се наведува во соопштението на Алијансата.

Тој додаде дека КФОР продолжува непристрасно да го исполнува својот мандат врз основа на резолуцијата 1244 на Обединетите нации.

Говорејќи за бунтот на руската паравоена група „Вагнер“, Столтенберг го нарече „внатрешно прашање“ за Русија, но истакна дека тоа уште еднаш покажа дека „нелегалната војна на претседателот Путин во Украина е голема стратешка грешка“.

Истовремено, тој предупреди дека Русија не треба да се потценува, велејќи дека НАТО мора да продолжи да ја поддржува Украина и да и обезбедува силна одбрана.

За време на разговорот со естонскиот премиер, генералниот секретар на НАТО рече дека од 2014 година Алијансата значително го зајакнала своето присуство во областа од Црното Море до Балтичкото Море.

Столтенберг додаде дека сојузниците се договориле за нов ротационен модел за воздушна и противракетна одбрана.

„На Самитот ќе ги преземеме следните чекори, со нови регионални планови и подобрени програми за вежбање, со поддршка на повеќе од 300.000 војници кои се во висока готовност“, рече Столтенберг.

Слични содржини