НАТО како Алијанса досега нема донесено одлука за свое борбено учество во Украина. НАТО, нема ниту да донесе одлука за борбено учество на Алијансата во Украина. Сосема независно како ќе се одвива развојот на настаните таму. Зошто? Затоа што, според Вашингтонскиот договор, Членот 5, само нападот врз една членка се смета за напад врз сите и само, само во тој случај, сите други се обврзани да помагаат и со борбени трупи, изјави претседателот Стево Пендаровски, одговарајќи на новинарско прашање дали на состанокот е дефинирана официјалната позиција на Северна Македонија за можно испраќање војници под знамето на НАТО и на други сојузнички мировни или воени мисии во Украина.
Пендаровски, посочи дека тоа што сега се прави, е „генерирање на сили“, односно дека НАТО во случај на кризи на своите граници кои може да ескалираат во нешто покрупно, посериозно е должна да разработи неколку сценарија.
– И тие велат – во случај да има вакво ниво на конфликт, што вие ќе понудите како членка на НАТО, на што сте обврзани. Значи, само во таа смисла се зборува за подготвеност или кревање на нивото на мобилност на Армијата. Но, не е, ниту било, ниту ќе биде, во смисла да се учествува со борбени трупи на територија на држава која не е членка на Алијансата, изјави Пендаровски.