НАТО одлучи да создаде два нови командни центра

од Vladimir Zorba
55 прегледи

  НАТО сојузниците ги поддржаа плановите за создавање на два нови командни центра, кои би ја штителе Европа во случај на воен конфликт со Русија.

Во обид да го зајакнат факторот за спречување на евентуален руски напад, министрите за одбрана на НАТО се согласија да создадат два командни центра на Алијансата, еден за заштита на морскиот коридор, со кој војниците и опремата се транспортираат од САД преку Атлантикот, а другиот за надгледување на движењето на војниците во Европа.

– Тоа е од витално значење за нашата трансатлантска алијанса. Станува збор за тоа како да се префрлат силите преку Атлантикот и како да се поместуваат силите преку Европа, изјави на прес-конференција генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

За трошоците нема да се расправа до следната година, но двете нови регионални бази имаат широка поддршка и ја покажуваат насоченоста на НАТО кон традиционалната задача за одбрана на својата територија по кампањите надвор од своите граници на Балканот, во Либија и Авганистан во последните години.

Дипломати тврдат дека Германија сака да биде седиште на логистичката команда, имајќи ја предвид нејзината стратешка локација преку централниот дел на Европа што овозможува брзи движења на опрема и персонал преку граница во случај на судири.

Португалија, Шпанија, Франција и САД се можни локации за новиот команден центар за Атлантикот.