Вечерва, од 20 часот, во Куќата на Уранија-МАНУ, во Охрид, во рамките на “Научната и уметничка визита”, ќе се одржи поетски портрет на академик Радован Павловски.

За творештвото на Павловски ќе зборува академик Луан Старова.
Радован Павловски е поет, есеист и патеписец, еден од најзначајните поети од средната македонска поетска генерација.
Богат е неговиот поетски опус:„Клучеви” (1986), „Марена” (1986), „Темелник” (1988), трилогијата „Зрна, Молњи и Клучеви” (1989) и „Бог на утрото” (1991). Во овој период тој е автор на патеписот “Отклучување на патиштата” (1986) и „Манифестот на Петската република Железна Река” (1990). По осамостојувањето на Македонија во 1991 година, Павловски се појавува во јавноста со: поезија за млади „Вселенски деца” (1993), “Јавач на звукот” (1995) и „Синот на Сонцето” (1999), како и на есеите „Што може поезијата” (1993) и „Демократска џунгла” (1994). Во 1995 година од Струшките вечери на поезијата Павловски ќе ја испрати својата „Порака на поетот до сите поети во светот”.
Павловски е добитник на републичките награди: „Браќа Миладиновци” (1965), „11- ти Октомври” (1971), „Кочо Рацин” (1991) и „Ацо Шопов” (1995), како и на повеќе меѓународни признанија. Во 1977 година, како “еминентна личност наведена во меѓународно и национално признати дела”, Американскиот биографски институт година го прогласи Радован Павловски за Човек на годината.Во 1998 година истиот институт му доделува Светско признание за животно дело.
За врвни достигнувања во XX век, од Интернационалниот биографски центар во Кембриџ, Англија, ги има добиено престижните признанија Меѓународна личност на годината за 1997 и 1998 година. Во едицијата „Кој е кој меѓу интелектуалците” во 1999 година, што го подготви Интернационалниот биографски центар во Кембриџ, Англија, е објавена биографијата и библиографијата на животниот и творечкиот опус на Радован Павловски. Поезијата на Радован Павловски е преведувана на околу 50 јазици, меѓу кои на англиски, арапски, грчки, германски, италијански, кинески, руски, француски и шпански јазик, а е застапен во многу антологии на современата македонска, европска и светска поезија. Во 2006 година Радован Павловски е избран за редовен член на МАНУ.
До крајот на “Научната и уметничка визита, остануваат уште две манифестации. На 24 август ќе има поетско читање во рамки на СВП, а на последниот ден од манифестацијата (27 август) ќе биде промовиран зборникот „За и од Киро Глигоров“ по повод 25-годишнината од приемот на Република Македонија во Обединетите нации.(Крај)
Веле Митаноски