Научниците ја откриле причината за главоболка по пиење црвено вино

од Stefanija Kuzmanovska
396 прегледи

Научниците од Центарот за главоболка на Универзитетот во Калифорнија во Сан Франциско сметаат дека ја пронашле причината за главоболката предизвикана од консумирањето црвено вино, пишува „Гардијан“.

Американските истражувачи објавија дека главоболката е предизвикана од фенолни флавоноиди, соединенија кои се наоѓаат во семките и кожата на грозјето кои му даваат боја и вкус на црвеното вино.

Нивото на флавоноиди може да биде за 10 отсто поголемо во црвените вина од белото, открива истражувањето.

Кога се пие вино, алкохолот се метаболизира во два чекора – првиот е промената на алкохолот во форма на етанол во ацеталдехид, додека вториот го претвора ацеталдехидот во ацетат. Еден од истражувачите, професорот Ендру Вотерхаус, правел лабораториски истражувања на неколку соединенија во црвеното вино.

Фланавол кверцетинот, кој се наоѓа исклучиво во црвеното вино, се претвора во различни материи во организмот. Една од нив, кверцетин глукуронид (гликозидно соединение на глукуронска киселина) ги блокира ензимите кои го претвораат ацеталдехидот во ацетат, што предизвикува токсичен ацеталдехид да се акумулира во телото и да предизвика главоболки, гадење и потење. Научниците се надеваат дека наскоро ќе можат да ја тестираат теоријата во клиничка студија фокусирана на тоа како црвените вина со различни нивоа на кверцетин влијаат на појавата на главоболки или кај почувствителните поединци, мигрена.

Сончевите зраци, веруваат истражувачите, го зголемуваат нивото на кверцетин во грозјето, а плодовите што растат изложени на сонце имаат 5 пати повисоки нивоа на супстанција во споредба со останатото грозје.

„Би можело да биде многу корисно за луѓето кои консумираат црвено вино да можат да изберат вино кое не предизвикува главоболки. Исто така, нашето истражување може да биде корисно за винарите за намалување на кверцетинот во своето грозје“, изјави Морис Левин, директор на центарот, пренесува „Танјуг“.

Слични содржини