Идејата дека пандемијата на коронавирус била случајно започната преку работници во кинеската лабораторија, повторно се појави, овој пат во документарен филм што беше прикажан на данската телевизија во четвртокот.
Кина луто реагираше на какви било сугестии дека пандемијата, која усмрти најмалку 4,3 милиони луѓе откако се појави во градот Вухан во декември 2019 година, е предизвикана од грешка во која е вклучена една од нејзините лаборатории.
Но, ова е дел од „можните“ претпоставки, според шефот на мисијата на Светската здравствена организација, која го истражува потеклото на пандемијата.
„Вработен во лабораторија се инфицира додека работи во пештера за лилјаци, каде што собира примероци. Таквото сценарио, иако е од лабораториско потекло, исто така, би се вклопило во нашата прва хипотеза за директно пренесување на вирусот од лилјаци на луѓе. Ова е хипотеза што ја сметаме за можна“, изјави Питер Бен Ембарек за данскиот државен канал ТВ2.
Првата фаза од студијата на СЗО, спроведена претходно оваа година, заклучи на 29 март дека хипотезата за лабораториски инциденти е „многу мала веројатност“.
Сепак, Ембарек рече дека му било тешко на неговиот тим да разговара за оваа теорија со кинеските научници.
Но, научник од СЗО истакна дека ниту еден од видовите лилјаци за кој постои сомневање дека е почва за вирусот САРС-КоВ-2 кој предизвикува Ковид-19, не живее во дивината во регионот Вухан.
Единствените луѓе кои веројатно им пришле на овие видови лилјаци се вработените во лабораторијата, рече тој.
СЗО во четвртокот побара од Кина да сподели необработени податоци за најраните случаи на пациенти со Ковид -19 за да помогне во истражувањето на потеклото на пандемијата – и да се објават податоци во врска со теоријата за потеклото на вирусот од лабораторија.
Оваа глобална здравствена агенција, исто така, побара од сите држави да ја деполитизираат потрагата за потеклото на пандемијата.
СЗО во соопштението рече дека потрагата за потеклото на пандемијата „не треба да биде вежба за обвинување, вперување со прст или добивање политички поени“.
Хипотезата за потеклото на вирусот од лабораторијата, која долго време беше отфрлена како десничарска теорија на заговор и која беше жестоко отфрлена од Пекинг, сега зема замав.
Беше фаворит за време на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, но неговиот наследник Џо Бајден исто така сака да се следи оваа линија на истрага.
Бајден нареди ревизија на податоците во САД, а поголем број научници бараат независна истрага да биде спроведена од службеници надвор од СЗО.