По основ на ова прашање, секогаш во минатото, па и сега сум бил поддржувач на активни мерки за поддршка на млади лица до 29 години кои се невработени. Може да се коментира во однос на тајмингот кога се носи како мерка, но според мене е искрена и реална. Во насока на поддршката, мислам дека ќе има ефект заради тоа што буџетите кои што се креирани се 615 илјади денари за лица до 29 години со опфат од 700 до 800 лица и втората мерка лица над 29 години. Мислам дека ќе биде добра ликвидност и вбризгување за мотивација на младите, вели во разговор за „Локално“ професорот по економија и претставник на УО од Хајделберг Факултет во Скопје, Синиша Наумоски за Оперативниот план за вработување вреден 40 милиони евра кој треба да обезбеди работа за 16 илјади невработени, да ја намали невработеноста и да обезбеди ефективен пазар на трудот.
Според него, мора да имаме предвид дека развојот на нови млади продуктивни кадри е еден од основните концепти на силна макроекономија и македонската макроекономија треба да се потпира на начините на зголемување на продуктивноста.
-Продуктивноста се зголемува колку повеќе младите лица уште од најрана возраст ги впуштиме да влезат во претприемништвото – само тоа е мотиватор или филтер за зголемување на нивото на продуктивност. Мислам дека мерката ќе биде со импакт понатаму, истакнува професорот.
Запрашан околу британскиот заем и дали смета дека со кредити земени од странски земји ќе плаќаме вработувања на партиски кадри, Наумоски посочува дека ја поддржува ваквата нова пракса на внесување на ликвидност во економијата, а базирана на принцип билатерален договор на држава со држава.
-Вообичаено ние сме критичко општество и ако ја тргнеме политиката на страна, реално треба да се поздрави одредена ефтина ликвидност која ја читаме од договорите на менаџерите на државата. Припаѓам на една група на економисти кои веруваат дека Македонија има надеж и ја поддржувам смелост на надежта, економијата во првите три години од денеска да расте со 5% од БДП, а на крајот од 2030 година да стигнеме и до 8% раст на БДП. За сето тоа да има поголем ефект, сум на мисла дека не е доволно, најмногу треба да се направи една суперенергија меѓу мерките на фискална и монетарна политика. Секое вбризгување на ликвидност е оправдано само доколку има негова импелентација во насока на капитални инвестиции кои се во интерес на граѓаните и стопанството. Не постои друг начин за поголема стапка на раст на БДП од интерно вбризгување на средства преку билатерални договори, потенцира Наумоски.
Планот предвидува и дел за млади. Се опфаќаат две главни точки, а првата е директна поддршка за старт-ап бизниси на млади. Околу тоа дали ова ќе ги врати младите во земјава и ќе го спречи одамна почнатиот егзодус, експертот објаснува дека треба да видиме неколку примери од други земји. Според него, искуството на старт-ап заедницата во САД можеби има најран развој и онаа достапност на новите идеи со изворите на пари е прилично апликтивна таму.
-Но ако САД е преголема за споредба, најдобриот пример за нас ќе биде Луксембург, со оглед на тоа што по територија и население е слична на Македонија и процентуално по однос на старт-апите и учеството на свеж капитал за новите идеи има најголема процентуална застапеност. Македонската држава не може да произведува возила ниту бренд во ИТ или лидер во вештачка интелигенција, но може да го промени принципот на малите старт-апи за младите лица. И оваа насока сум позитивен за инцијатива која ќе овозможи реални и евтини ресурси за старт-апите. Кредитирањето и банкарскиот сектор е добра логистика, но сепак цената на изворите на финансирање мора да се намали или да се стави конкуренција за новите претприемачи да можат да користат многу пониска цена на оној капитал од надвор. Имам верба и надеж дека можеме да имаме економски раст. Израел, Луксумберг и САД се доволен пример за успешни земји во старт-ап финансирањето, заклучува Наумоски.
Над 16.000 граѓани ќе можат да се вработат преку девет стратешки мерки. Ова го предвидува оперативниот план на Владата за 2025-та. Поддршката за самовработување опфаќа три категории. Првата е невработени до 29 години, има опфат од 720 лица и финансиска рамка од 615.000 денари. Втората е невработени над 29 години која опфаќа 610 лица со финансиска рамка од 430.000 денари неповратни средства. Третата е поддршка за вработување на здружување во друштво со ограничена одговорност кое е предвидено да опфати 400 лица.
Опозициската СДСМ обвинува дека оперативниот план е нов бран за партиски вработувања. „ВМРО-ДПМНЕ ја направи Македонија приватна фирма, за семејни вработувања на блиските на функционерите од власта. Државните институции на ангро се полнат со роднини на функционерите на ВМРО ДПМНЕ. Единствен критериум за некој да добие вработување е фамилијарните и партиските врски, ништо друго и затоа младите и способни луѓе ја напуштат земјата“, велат од СДСМ.
Целта е да се промени логиката на државната поддршка, од пасивна контрола на невработеноста до активна мобилизација на талентот, потенцијалот кој долго бил заборавен.
Н.П.