„Во сите изминати реформи во образованието учениците беа ставани во втор план. Владата на Република Северна Македонија предводена од СДСМ верува дека најголемиот влог во иднината на нашите деца и млади, го правиме во образованието. Доброто образование гради слободни граѓани, ја засилува економијата и го зацврстува демократското ткиво“, вели на прес-конференција, Елизабета Наумовска, претседателка на Комисијата за образование на СДСМ.
Според неа, многу од досегашните образовни реформи придонесоа учениците да не бидат во центарот на образованието.
„Поважни беа електронските обврски на наставниците, кадровските решенија, „штанцањето“ на учебници низ чии содржини провејуваат многу грешки, застареност на содржините, несоодветност на јазикот и стереотипи кои мораше да ги надминуваме.
Во создавањето на квалитетно образование многу вложуваме и во човековиот потенцијал. Клучот на успехот е наставникот, а без професионални и мотивирани наставници нема квалитетно образование.
Затоа во Концептот на основно образование осебно место има континуираниот професионален развој на наставниците насочен кон стекнување и пренесување нови знаења за практичниот аспект на работата според стандардите за квалитет на воспитно-образовниот процес согласно европските трендови. Наставниците кои континуирано ќе учат и ќе се надградуваат ќе добиваат и повисоки надоместоци, ќе напредуваат во повисоки звања“, истакна Наумовска.
Таа дополни дека важно е дека материјалите за учење ќе му бидат достапни на секој ученик.
„Секој учебник ќе биде достапен во аудио формат на сите наставни јазици достапни за секој ученик, а за учениците со оштетен вид ќе се печатат учебници со Брајово писмо. Лектирите пак, ќе бидат достапни и понатаму само во печатена форма. Новите генерации растат во дигиталната ера на ИТ технологијата која е составен дел од животите на најголем дел од нив. Така што користењето на таа технологија за учење, стекнување на навики кај децата истата да ја користата за пребарување, истражување и учење е всушност многу голема придобивка и градење на добар однос со технологогјата и интернетот“, вели Наумовска.