„Единствено битно после вчерашниот конгрес во СДСМ е фактот дека остана истото раководство или истите луѓе. Така што, СДСМ останува тоа беше, а тоа е победничка партија“, вели политичкиот аналитичар Тони Науновски за емисијата „Само вистина“.
Според него, од 2017 година, СДСМ го победува ВМРО-ДПМНЕ и секоја критика во насока на нивната партиска функција е во голем дел бесмислена, затоа што тие победуваат.
„Во македонската политика, од лидерот и неколку негови блиски луѓе зависи практично се. Сметам дека тоа не е добро, затоа што така постојат тенденции за внатрепартиски тоталитаризам“, потенцира Науновски.
На 26. Конгрес кој се одржа дигитално, СДСМ смени две третини од членството на Централниот одбор. Според лидерот на партијата, Зоран Заев, застапена е родовата и возрасната еднаквост, но голем дел од членовите се луѓе од различни сфери, докажани во своето делување, кои досега не биле дел од партиските структури: правници, економисти, социолози, медицински лица, лекари.
Директорката на УЈП, Сања Лукаревска ја зазема високата партиска функција која досега ѝ припаѓаше на Радмила Шекеринска, која неодамна најави дека ќе се повлече од раководните органи на партијата. Министерот за здравство, Венко Филипче и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи се избрани за потпретседатели на местото на Коста Петров и Мухамед Зекири, а на оваа функција остануваат Мила Царовска и Оливер Спасовски. Љупчо Николовски останува генерален секретар на партијата. На местото на Душко Весковски, за организациски секретар е поставен Мартин Попов.