Навални приведен на аеродромот во Москва

од Vladimir Zorba

Откако рускиот опозиционер Алексеј Навални вечерва слета на московскиот аеродром Шереметјево, тој беше запрен на пасошка контрола, додека неговата сопруга Јулија беше пропуштена. Полицијата го одвела Навални. Ова го објави Федералната казнено-поправна служба и неговиот адвокат, а го потврдија и сведоци.

„На аеродромот во Шереметјево, припадниците на Федералната служба за извршување на казни на Русија го уапсија Алексеј Навални, осуден на условна казна, и кој се наоѓа на потерница од 29 декември 2020 година, за повеќе повреди на условната казна“, се вели во соопштението на руската служба.

Според очевидци, цитирани од Ројтерс, Навални бил приведен кога за време на контролата пред официјалниот влез во Русија и го покажал пасошот на полицијата.

„Ова е најдобриот ден во мојот живот во последните пет месеци. Јас сум целосно среќен што летав. Сега ќе излезам и ќе одам дома затоа што имам потполно право дека сите кривичи дела против мене беа измислени. Не само што вистината е на моја страна, туку и судот. Не се плашам од ништо и ве повикувам да не се плашите од ништо“, изјави Навални пред новинарите пред пасошката контрола пред апсењето.

На неговата сопруга Јулија, неговиот портпарол и адвокат им беше дозволено да влезат во Русија.

Сè уште не е јасно зошто Навални е уапсен, според Ројтерс.

Авионот, со кој рускиот опозиционер се враќаше во Русија, требаше да слета на аеродромот Внуково пред 18 часот, но беше пренасочен на друг московски аеродром, Шереметјево.

„Не се плашам од апсење, не сум направил ништо незаконско. Им се извинувам на сите други патници во авионот за непријатноста што ја доживеаја поради метежот што се создаде околу мене“, рече Навални кратко за време на слетувањето.

Неколку стотици приврзаници на Навални, на кои им се заканува апсење во Русија, го чекаа пред аеродромот во Внуково, но полицијата уапси неколкумина и им нареди на насобраните да се разотидат.

На Навални од Москва му беше кажано дека ако не се врати во Русија до 30 декември, ќе биде уапсен бидејќи не ја издржал затворската казна до крај.

Противникот на Кремљ беше во Германија, каде е префрлен во август откако одеднаш се разболе за време на лет во Сибир. Лабораториите во Западна Европа заклучија дека Навални бил отруен со нервен агенс од семејството Новичок.

Навални летал од Берлин со руската авиокомпанија Победа, сопственост на државната авиокомпанија Аерофлот.

Слични содржини