Навивачи на Левски нападнати во Чаир, едно лице завршило во болница откако бил избоден со нож

од Vladimir Zorba
794 прегледи

Навивачи на бугарскиот фудбаски клуб Левски беа нападнати во Скопје во пресрет на натпреварот од второто прелиминарно коло од Конференциската лига со Шкупи.

На снимката објавена на социјалните мрежи може да се видат жители на населбата Чаир како фрлаат корпи за отпадоци кон бугарските поддржувачи и удираат во нивните автомобили.

Не е јасно што му претходело на инцидентот.

Полицијата е во целосна мобилизација откако УЕФА го дефинираше натпреварот како ризичен поради политичката тензија меѓу Бугарија и Македонија.

Навивач на фудбалскиот тим „Левски“ е во болница по тепачка меѓу навивачки групи, пренесе БНТ.

Повредениот се движел надвор од одредената патека за навивачите. Дошло до конфликт со навивачи од спротивниот табор, по што еден од Бугарите бил избоден со нож, тврди БНТ.

Според бугарската телевизија, нема опасност по неговиот живот, тој е пренесен во болницата „Мајка Тереза“, каде што е на лекување.

На трибините се очекуваат околу 1.000 симпатизери на „сините“. Атмосферата се вжешти во последните денови поради заканите на социјалните мрежи за палење на знамињата на Северна Македонија и Албанија.

Слични содржини