Најжестоките навивачи на сплитски Хајдук, популарните „Торцида“ остро реагираа на најавата за поставување спомен-плоча на Сашко Гешовски – македонскиот војник на ЈНА , кој загина на големиот протест на 6 мај 1991 година, пред зградата на Бановина во Сплит.
Одлуката плочата да стане двојазична, вклучувајќи на латиница и кирилица, предизвика жестоко противење кај најжестоките поддржувачи на Хајдук.
„Градоначалник, заменик градоначалник и сите други клошари кои се кријат зад разни совети, комисии и иницијативи, имаме порака за вас:
Никогаш, никогаш нема да дозволиме да ги клеветите и оцрнувате хрватските ветерани, нивните семејства и сите други жители на Сплит и Хрватска, ниту да го користите јавниот простор за одвратни обиди да се освојат политички поени на начин што ги обезвреднува вредностите и жртвите на „Татковинската војна“, со подигање споменици на регрути на непријателските и криминалните војски.
Ваквите обиди, како кирилицата, немаат место во Сплит. Држете не за збор, ова може да остане само на обид“, се наведува во пораката на „Торцида“.
Да потсетиме, „Далматински портал“ пред два дена објави дека тамошната Комисија за именување улици и плоштади донела одлука за поставување спомен-плочи на одржаната седница. Одлуката сепак мора да биде потврдена од Градскиот совет.
На плочата што ќе му биде посветена, на кирилица ќе стои натписот:
„Сашко Гешовски, Кавадарци, 31.10.1971. – Сплит 6.5.1991. несреќно настрада на 6. мај 1991 година“.
Предлогот дојде од активистот Марко Гај, кој со години се бори за обележјето. Тогаш не беше постигнат консензус околу натписот, беше констатирано дека може погрешно да се протолкува, па се бараше компромис.
Со смртта на Сашко, во кого пукал маскиран припадник на МВР на Република Хрватска и со четири куршуми смртно го погодил додека бил на задача пред зградата на Воено поморската област во Сплит, започна ужасот на војната во Југославија. Никогаш официјално не е утврдено кој пукаше во него.