Националното биро за осигурување (НБО) од својот гарантен фонд ќе ги покрие сите евентуални штети од украински возила што превезуваат бегалци до 30 јуни годинава. Одлуката ја донесоа со консензус сите 11 компании за неживотно осигурување.
Сите лица со статус на бегалци од Украина на влез во нашата земја ќе бидат ослободени од плаќање на гранично осигурување. Оваа одлука ја донесе Националното биро за осигурување (НБО) во координација со Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) на иницијатива добиена од Владата.
-Со оглед на актуелната бегалска криза предизвикана од воениот конфликт во Украина и појавата на бегалци на нашата граница се создаде неопходна потребна од изнаоѓање општоприфатливо и системски засновано решение за прием на возила со бегалци кои немаат зелена карта и не се во можност да купат гранично осигурување. Успеавме да обезбедиме издржано решение во рамки на можностите и согласно со надлежностите и условите. Во оваа ситуација за посебно истакнување е хуманиот пристап, ажурноста и ангажманот на сите 11 друштва за осигурување. Искрено веруваме и се надеваме дека разумот ќе надвладее, а мирот ќе завладее и лицата со статус бегалци набрзо ќе се вратат во својата земја, истакна д-р Крсте Шајноски, претседател на Советот на експерти на АСО.
Одлуката на НБО важи за сите возила со украински регистарски таблички кои превезуваат лица со статус на бегалци од Украина без разлика дали возилата ќе транзитираат низ македонска територија или ќе останат во нашата земја. Одлуката на НБО ќе важи до 30 јуни годинава.