„Не дај Боже да го употребиме“: Лукашенко за руското нуклеарно оружје распоредено во Белорусија

од Stefanija Kuzmanovska

Руското нуклеарно оружје распоредено во Белорусија е фактор за одвраќање на агресијата, изјави денеска белорускиот претседател Александар Лукашенко.

„Нуклеарното оружје значи безбедност. Не дај Боже да го употребиме. Се надевам дека нема да дојде до тоа. Не сакам мојот народ да оди во војна, тоа е страшна работа. Извлекуваме заклучоци и учиме лекции. Ние не тропаме со оружјето, туку се подготвуваме да ја одбраниме нашата земја“, рече Лукашенко на средбата со жителите на градот Беловежски во областа Брест, пренесува ТАСС.

Според него, повеќе од половина од нуклеарното оружје што требало да биде распоредено во Белорусија е веќе испорачано и дистрибуирано.

„Ние не упаѓаме во туѓите домови и очекуваме другите да се држат настрана од нашите. Ќе се заштитиме себеси и нашата безбедност со помош на нашите пријатели“, нагласи белорускиот претседател.

Тој посочи дека Белорусија се потпира на поддршката од Русија.

„Не можеме сами, а кој ќе ни помогне? Само нашите луѓе на исток, Русите“, рече Лукашенко.

Тој нагласи дека руското раководство одговорило на најсериозните барања на Минск, кои се однесуваат на распоредување на нуклеарно оружје. Тоа е, како што наведе, елемент на безбедност заедно со нуклеарната централа во таа земја.

„Никој никогаш не нападнал земја со нуклеарно оружје. Имаме и нуклеарна централа и тоа е многу силен безбедносен фактор“, рече Лукашенко.

Слични содржини