Шефот на Ф1 тимот на Ферари, Фредерик Васер, верува дека не е сè толку црно за Луис Хамилтон, по новиот дебакл кој го доживеа изминатиов викенд.
Седумкратниот светски шампион зад воланот на Ферари прво не успеа да се пласира во третата рунда од квалификациите во Унгарија, а потоа заврши на 12-то место во самата трка и остана без поени. Неговиот тимски колега, Шарл Леклер ја освои пол-позицијата и ја заврши трката на четвртата позиција.
„Секако, кога си седумкратен светски шампион и твојот тимски колега е на пол-позиција, а ти си надвор од квалификациите, тоа е тешка ситуација. Можам да ја разберам фрустрацијата на Луис, но ова е нормално и тој ќе се врати“, рече Васер.
Васер ја отфрли секоја можност дека Ферари ќе „се откаже од Хамилтон“, нагласувајќи дека Луис бара многу од сите околу него, но токму тоа е причината зошто успеал да стане седумкратен светски шампион.
„Тој бара многу, но токму затоа е седумкратен светски шампион. Тој многу бара од тимот, од инженерите, од механичарите, па дури и од мене. Но, пред сè, тој многу бара од себе“, заклучи Васер.