Не можат од небо да паднат осум пратеници за уставни измени до крај на октомври, смета Пендаровски

од Nikola Popovski

Измените во Уставот нема да бидат изгласани до крајот на месецов, кога во земјава доаѓа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави вчера претседателот, Стево Пендаровски.

„Јас сум добро информиран реалист. Да беше така, нешто во Парламентот ќе требаше да се случи. Осум луѓе (колку што се потребни за да се постигне двотретинско мнозинство) не можат да паднат од небо. Не гледам индикации за такво нешто. Сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ имаат потпишано изјави заверени на нотар дека нема да гласаат за измени на Уставот, иако тие немаат законска тежина и претпоставувам дека тоа е само ПР“, посочил Пендаровски во интервјуто за „Клик плус“.

„Дефинирањето на преговарачката рамка за земјата како „бугарски диктат“ ги навредува сите, пред се Франција. За неа гласаа сите земји-членки на ЕУ, вклучително и и Бугарија и не треба да ја дефинирате Бугарија како толку влијателна земја што може да ги убеди Франција и Германија за овој „бугарски диктат“. Кога ќе дојдат овде претставници на други земји, опозицијата не зборува за „бугарски диктат“, велат дека кога ќе дојдат на власт ќе обезбедат двотретинско мнозинство за гласање за измени на Уставот“, додал Пендаровски.

Според него, доколку не се случат измените во Уставот, можно е Македонија и Албанија да се разделат од пакетот на патот кон ЕУ.

„Ме плаши тоа што не можеме да постигнеме внатрешен национален консензус за клучните прашања, можеме да се расправаме за се, но НАТО и ЕУ се стратешки интерес на државата“, дециден е претседателот.

Слични содржини