Предлог-законот за игрите на среќа и за забавните игри не помина на седницата на надлежната комисија во Собранието. Со 9 гласови „за“, двајца „против“ и ниту еден воздржан, собраниската Законодавно правната комисија констатира дека Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри во прво читање поднесен од пратениците на „Европски фронт“ не е прифатлив и не треба да се даде на натамошно читање.
Претседателот на Законодавно правната комисија Александар Велјановски соопшти дека вчера матичното работно тело Комисијата за финансирање и буџет констатирала дека овој Закон не е прифатлив и не треба да се даде на натамошно читање.
Еден од предлагачите пратеничката на „Европски фронт“ Иљире Даути во образложението на законското решение нагласи дека со измените и дополнувањата бараат објектите на игрите на среќа дејноста да ја вршат само во хотели со пет ѕвезди.
Кон крајот на месец јули, првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити посочи дека со новата Влада работат на нов закон за казината и игрите на среќа се со цел економски подобро да се развие земјата
„Работиме на нов закон за казината и игрите на среќа кој што ќе биде многу поригорозен бидејќи сакаме оваа држава да се развие економски, а не да стане Лас Вегас на Балканот“, посочи Меџити.
Тој истакна и дека со нивното доаѓање на власт нема да се зголеми бројот на казината и обложувалниците.