На денешната собраниска седница не помина предлог-законот на Левица за пратениците во однос на ограничување на патните трошоци. По обраќањето на пратеникот Амар Мециновиќ, претседателот на Собранието, Африм Гаши го стави предлогот на гласање за дали да се носи по скратена постапка.
Од 100 присутни пратеници, гласаа само 23 и тоа 22 „за“, еден беше „против“, а немаше „воздржани“, со што предлогот на пратениците на Левица не беше усвоен.
Веднаш по ова се огласи и лидерот на партијата, Димитар Апасиев.
-ДПМНЕ не го изгласа предлог-законот на Левица за намалување на ПАТНИТЕ ТРОШОЦИ на пратениците! Честито нови милиони евра, колеги патриоти. Со здравје да си ги трошите, објави претседателот на опозициската партија на социјалните мрежи.
Според сегашната методологија, за секои извозени 100 километри, пратениците наплаќаат по околу 1.700 денари на име патни трошоци плус патарини. Левица предлагаше овој трошок да се намали на 6,5 литри гориво на поминати 100 километри, што би било околу 500 денари.
Уште од вчера пратениците од владеачкото мнозинство, составено од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН информираа дека нема да го поддржат ваквото законско решение.