Црногорското Министерство за човекови и малцински права денеска реагираше на изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој побара „српското малцинство во Црна Гора да ги има истите права како и другите малцинства“.
„По повод популистичкото-политиканско барање на претседателот на Србија Александар Вучиќ дека `Србите треба да ги имаат оние права кои им се загарантирани на сите други граѓани кои припаѓаат на нациите помали во однос на мнозинската`, му порачуваме дека српскиот народ во Црна Гора не е национално малцинство туку рамноправен општествен чинител“, се наведува во соопштението на црногорското Министерство.
Оттаму велат дека карактерот на државното уредување во Црна Гора е граѓанска, а не национална држава. Тие укажуваат дека црногорскиот Устав е израз на заштита и зачувување на политичката, правната и културната положба на сите народи кои живеат во независна Црна Гора.
„Вучиќ не запира овде, туку вели: Бараме Србите да имаат права како што имаат Албанците во Северна Македонија. Го потсетуваме дека српската заедница во Црна Гора одби да биде малцинска, и на тој начин си оневозможи да ги користи правата кои произлегуваат од принципот за позитивна дискриминација, со напомена дека таа можност сè уште постои како опција во демократско општество“, се наведува во реакцијата од црногорското Министерство за човекови и малцински права.
„Претседателот на Србија, наместо да подметнува, да се договори и усогласи со `своите` Срби кои живеат во Црна Гора – дали се тие за концептот на Голема Србија што го загрозува мирот и стабилноста на целиот регион, или се за демократски соживот со сите на кои Црна Гора е дом и државата“, реагира црногорското Министерство.