На пазарот веќе се чувствува криза со нафтени деривати и се создаваат гужви на бензиските пумпи, особено по одлуката на Регулаторна комисија за енергетика за драстично зголемување на цената на дизелот за 14,5 денари и на бензините за пет денари. Додека соседните земји преземаат мерки да го заштитат пазарот и потрошувачите од недостиг и скок на цените на нафтата и нафтените деривати поради глобалните нарушувања на светскиот пазар, од Владата смируваат дека се подготвени да интервенираат ако поради светските случувања дојде до енормен раст на горивата.
На бензиските пумпи уште во петокот можеа да се забележат редици за гориво. Особено беа погодени граѓаните кои користат дизел гориво, кое на некои бензиски пумпи го немаше, а таму каде што го имаше беше ограничена количината која може да се наточи. Граѓаните се во паника, бидејќи не само што ќе биде скапо, туку ќе нема каде да наполнат гориво.
Економските експерти се согласуваат дека некои компании сакаат да профитираат со задржување на залихите на гориво се до утврдувањето на нови повисоки цени.

Фото: Фејсбук/Принскрин/СителТВ
-Не само цената на горивата, туку на грбот на граѓаните ќе падне и цената на војната. Поради зголемената цена на нафтата ќе се зголемат цените на сите производи, односно таа ќе биде основа да се зголеми инфлацијата. Точно дека некои нафтени компании ќе се обидат да профитираат на грбот на граѓаните со тоа што ќе ги чуваат залихите додека не се зголемат драстично цената на нафтата и нафтените деривати. Тоа е исто како маркетите кои се обидоа да ја искористат целата ситуација со војната во Украина и ја кренаа цената на храната, изјави за „Локално“ економскиот експерт Ванчо Узунов.
Тој додава дека никој незнае колку ќе трае војната и нафтените компании прават залихи бидејќи незнаат до кога ќе имаат увоз. Ако ги продадат сега сите залихи утре ќе треба да набават по повисока цена. Поради тоа го користат моментот за да скокне многу цената на нафтата и тогаш да пуштат поголеми количини.
-Владата не презема ништо да ги заштити граѓаните од ценовни шокови кои не веруваат во изјавите дека се е во ред, бидејќи повеќе пати биле излажани. Неможе да се каже дека се е во ред кога цените на нафтата на светските берзи растат и никој незнае колку ќе трае војната. Државата треба да презема мерки по примерот на соседните земји. Тоа што не презема мерки создава дополнителна паника кај граѓаните, појаснува Узунов.
Енергетските експерти коментираат дека секогаш кога има војна од вакви размери цената на дизелот оди нагоре и граѓаните треба да бидат подготвени на тоа.
-Ова треба да ни биде опомена дека треба да се оддалечуваме од возила кој користат горива и да се преориентираме на електрични возила. Секогаш кризите со фосилни горива доведуваат до тоа да се размислува во насока на поголемо користење на обновливи извори на енергија. Треба да се изолираме од влијанијата на светските берзи. Кога има недостиг на нафта цената на расте, а тоа се одразува врз сите сегменти во стопанството, велат за „Локално“ енергетските експерти.

Фото: Локално
Дел од нив коментираат дека возачите сега или ќе платат повеќе или помалку ќе возат, трето нема. Според нив, државата мора да преземе нешто, бидејќи цената ќе отиде до плафон.
-Цената на горивата беше најевтина во регионот, ако државата се откаже од акцизата ќе се намалат приходите во буџетот. Од друга страна, со оглед на тоа што имавме поевтини горива од Србија, Грција, Бугарија и акцизата беше пониска што значи дека Владата нема многу простор за маневри, односно малку средства можат да се ослободат од акцизата и другите давачки, велат експертите за „Локално“.
Додека соседните земји свикаа вонредни седници на владите и преземаат мерки, премиерот Христијан Мицкоски смирува дека има доволо нафта и нафтени деривати и ќе интервенираат ако има драматичен скок на цената.
– Доколку има драматичен скок на цената на нафтата и нафтените деривати, Владата веднаш, ќе интервенира. Имаме неколку опции – дали ќе намалиме акциза или ДДВ, ние апсоултно ќе застанеме во одбрана на она што е наш интерес, а тоа е стандардот на граѓаните, изјави Мицкоски.
Србија на вонредна седница донесе одлука за забрана на извозот на нафта и на сите нафтени деривати за погон на моторни возила, додека Хрватската влада ги ограничи цените на горивата, односно новите цени на горивата ќе важат во наредните две недели.
Цените на нафтата скокнаа за повеќе од 25 отсто, на 120 долари за барел и се на највисоко ниво од јули 2022 година, бидејќи ескалацијата на кризата на Блискиот Исток го блокираше извозот на нафта преку Ормутскиот теснец, предизвикувајќи намалување на производството во областа.
Б.С.