НЕ СЕ ПРОДОЛЖУВААТ ДОГОВОРИ во Јавните претпријатија под Град Скопје – само во едно од нив над 100 луѓе ќе останат без работа

од Vladimir Zorba

Град Скопје нема да ги продолжува договорите на вработените кои се без решенија во Јавните претпријатија кои се под „нивна капа“, дознава „Локално“ од вработен од едно од нив.

Според истиот, само во Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) без работа ќе останат над 100-тина вработени. На еден месец пред истек на договорите не им е понуден нов, а веќе им се соопштува да не доаѓаат на работа откако тие ќе истечат.

По истиот терк се очекува да се одвиваат работите и во ЈП Водовод и Канализација.

До објавувањето на информацијата, од кабинетот на Арсовска не добивме одговор дали се точни тврдењата на вработени од едно од Јавните претпријатија.

На денешното продолжение на 37 седница, ниедно јавно претпријатие од шесте кои имаа доставено годишни планови не доби согласност од Советот на Град Скопје за нови вработувања во наредната 2024 година.

 

Нови вработени следната година ќе нема во ЈСП „Скопје“, ЈП „Лајка“, „Дрисла“, „Улици и патишта“, „Водовод и канализација“ и „Паркови и зеленило“, но и во осумте јавните и културни институции кои имаа поднесено планови.

Според информациите од денешната Седница, најголем дел од директорите ги поднеле плановите без тие планови да поминат во управните и надзорните одбори и покрај тоа што новите вработувања подрзабираат и финансиски импликации.

Според еден од советниците, претпријатијата се во загуба, со зголемени прикажани трошоци за тековно работење, па неразбирливо е како во таква ситуација се бараат нови вработувања.

Според плановите за вработување на Град Скопје, градските институции и препријатија, се работи за бројка од околу 700 луѓе.

В.З.

Слични содржини