„Не смее фашизмот да има етнички димензии“: Зборот „бугарски“ пред фашистички окупатор ќе се брише од учебниците

од Берта Китинска

Во учебниците ќе се менува „бугарски фашистички окупатор“ во „фашистички окупатор“, бидејќи, како што вели премиерот Зоран Заев тоа било во духот на пријателството со соседна Бугарија.

„Голем дел од спомениците кои што ги има и во Република Бугарија и во Република Северна Македонија треба да бидат во пријателски дух, не смее фашизмот да има етнички димензии. Кај одредени некои наши споменици веќе тоа е направено. Каде што стоело бугарски фашистички окупатор, сега веќе е фашистички окупатор, бидејќи не можете нација да обвините за учество во третиот пакт во тоа време. Музеите ни се во ред, туку одредени споменични целини и одредени учебници и во Северна Македонија и во Бугарија, ќе треба да духот на пријателството да ги учиме следните генерации“, изјави Заев.

Премиерот зборуваше и за т.н. Патоказ, со кој треба да се надмине бугарската блокада за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.

„Прво ќе има дипломатска нота со која се опишува дека краткото име е исто со долгото име. Северна Македонија е исто со Република Северна Македонија, дека немаме територијални претензии. Дека не се мешаме во внатрешните работи, секако и за малцинските работи. Тие луѓе се граѓани на Република Бугарија и тие луѓе имаат право да си ги бараат правата како што е и во Република Северна Македонија организирано и во другите европски земји. Сите секторски соработки помеѓу институциите во буквално сите области. Да реагираме во спречување на говор на омраза, пред сè самите институции, да градиме пријателство, а не да провоцираме со непријателство“, изјави Заев.

Историските факти не можат да се ревидираат

Демократски сојуз има сосема кристални ставови околу релациите со Бугарија. Ние сме за платформа, имаме црвени линии и ниту една остапка не треба да правиме наспроти Бугарија, вели пратеникот и лидер на ДС, Павле Трајанов за како ја коментира одлуката за менувањето на терминот „бугарски фашистички окупатор“ во учебниците по историја.

Трајанов потенцира дека нема што да се разговара за вакви прашања.

-Историските факти не можат да се ревидираат со политичка одлука. Бугарија била окупатор на оваа територија во тоа време и сакала да се претстави како ослободител. Тоа не може никој да го избрише од меморијата и пишаните факти, категоричен е Трајанов во гостувањето на емисијата „Само вистина“.

Слични содржини