Денес во Собранието се гласаше за интерпелацијата на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, при што со 71 присутен пратеник и со кворум, мнозинството му даде даде доверба на министерот без присуство на поголем дел од опозицијата.
11 пратеници гласаа „ЗА“, 60 беа „ПРОТИВ“ и немаше „ВОЗДРЖАНИ“, со што интерпелацијата беше неуспешна.
Одговорност од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за бегството на Никола Груевски и Сашо Мијалков, но и за случаите со давањето македонски пасоши на меѓународни криминалци и за лицата со двојни матични броеви побараа пратениците од опозициските партии на Албанците во Собранието во рамки на расправата за неговата интерпелација. Пратениците, пак, од владејачкото мнозинство сметаат дека таа е беспредметна, дека МВР под раководство на министерот Спасовски добро ја извршува фунцијата, за што, како што рекоа, говорат и бројките кои укажуваат на поголема успешност во справување со криминалот. Интерпелацијата, посочија тие, е поднесена за случајот со Мијалков, а тој, како што нагласија е во притвор со две изречени затворски казни.
Во попладневната дебата пратениците од СДСМ истакнаа дека интерпелација е беспредметна и сега не треба да се дискутира за тоа туку, како што велат, да се решаваат важни проблеми на граѓаните.
Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не можеа да се обратат бидејќи не беа ставени на листата на говорници, поради тоа што, како што беше објаснето од претседателот на Собранието Талат Џафери, тие својата листа ја доставиле до него со неколку часа задоцнување, а денеска нивен претставник не присуствувал на координација за да се договорат.