Не започнувај беља и бирај ги зборовите, му порача Ахмети на Мицкоски

од Nikola Popovski
307 прегледи

Коалицијата Европски фронт, предводена од ДУИ синоќа го исполни плоштадот „Македонија“ на последниот митинг од кампањата за претседателските избори. Од Скопје, кандидатот на коалицијата на девет политички партии и претставници на четири етнички заедници во земјава, Бујар Османи, ги повика граѓаните на мобилизација за претстојните претседателски избори во среда, бидејќи, како што вели, „има реални шанси за албански претседателски кандидат да стигне до вториот круг на изборите, како и за обединување, да ја постигне целта – Северна Македонија да стане членка на ЕУ“.

„Пред седум години, речиси на денешен ден, на стотина метри од ова место, таму, во парламентот се случија најстрашните настани од поновата историја на нашата земја. Се сеќавате на настаните од 27 април…Сликите на нашите пратеници се уште се пред нас. Која беше причината за тоа. Дека Талат Џафери стана претседател на парламентот. Што беше проблемот? Само затоа што бил Албанец и ништо друго. Сè уште се сеќавам на сликите на Зијадин Села, кој тој ден за малку ќе го загубеше животот“, изјавил Османи.

Пред учесниците на митингот говореа и лидерите на другите албански партии во коалицијата, како што се Мендух Тачи, Зијанит Хоџа, како и Скендер Реџепи, кој исто така се приклучи кон „Европскиот фронт“.

„Јас патував малку подолго и одвај чекав да дојдам тука кај вас за да му кажам неколку зборови на Христијан Мицкоски. Христијан Мицкоски е пораснат со гурабии, Христијан Мицкоски е пораснат со кекси (бисквити). Јас сум пораснат во кула од камен што три пати е изгорена од поробувачите. Христијан, народот мој вели дека камен по камен се гради тврдината, збор по збор започнува бељата, не започнувај беља (проблем). Не започнувај беља и бирај ги зборовите, уште си млад и устата млеко ти вади“, порачал Ахмети.

Во последните денови од изборната кампања воза претседателските избори, најголемите партии и коалиции одржуваат завршни митинзи. Денеска, кога е последниот ден од кампањата, митинг треба да организира и коалицијата „Вреди“ на албанските опозициски партии, кои најавија дека не наишле на разбирање од локалната власт и градоначалничката во нивната желба и нивниот митинг да се одржи на плоштадот „Македонија“.

Првиот круг од изборите за шеф на државата ќе се одржи во среда, на 24 април.

Слични содржини