ДУИ испраќа порака дека се чувствува безбедно во сопствената политичка позиција сега откако албанската опозиција е разединета по влегувањето на Алтернатива во Владата, вели во коментар за „Локално“, политичкиот аналитичар, Бесим Небиу во врска со видеото ДУИ, преку кое најавува нова стратегија на дејствување со партиите со кои коалицира.
Според него ДУИ обидот на ДУИ да се ребрендира во зелена партија бил неуспешен, па во отсуство на подобар политички и идеолошки идентитет се обидува да се позицинира наспроти двете македонски партии како жртва на нивни црни кампањи.
-ДУИ има ПР проблем со своето јавно идентификување како извор на корупција, непотизам, слаби кадри и лоши перформанси при владеење, а бидејќи старите теми и се веќе конзумирани (знаме, јазик, правично застапување) таа е во константна потрага по нова приказна за себе. Обидот за ребрендирање во зелена партија секако беше неуспешен, па ДУИ во отсуство на подобар политички и идеолошки идентитет се обидува да се позицинира наспроти двете македонски партии како жртва на нивни црни кампањи.ДУИ настапуваше последните 2 години како стратешки партнер на СДСМ. На локалните избори 2021 настапија во предизборна коалиција. Настапот беше контра ВМРО и албанската опозиција како кочничари на евроинтеграцијата и прогресот. Сега ДУИ се обидува да прати сигнал дека за нив СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се всушност сосема исти. Тоа е настап да се создаде атмосфера за идна коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. ДУИ праќа порака дека доколку не се откочат евроинтеграциите наскоро, ќе се отвори терен за нови избори, и секако во таа констелција ДУИ пивотира кон соработка со ВМРО-ДПМНЕ. Бидејќи проценила дека е можно таа партија да победи на тие избори.. Се разбира гласовите на ДУИ се клучни за предизвикување нови избори, објаснува Небиу.
Аналитичарот коментира дека напади меѓу ДУИ и двете македонски партии отсекаш имало, и тие биле користени за дневно-политички и кампањски цели , напоменувајќи дека тие никогаш не пречеле да се созадават коалиции и соработка по избори.
-Кај албанскиот дел од јавноста, се создава впечаток дека ДУИ всушност е префериран коалиционен партнер кај двете македонски партии– коалицијата со нив е најлесна и најфприфатлива и за СДСМ и за ВМРО-ДПМНЕ. ДУИ добива ресори и политичка моќ во тие влади, но не се “меша“ премногу во политичката супстанца и програма, повеќе се занимава со дистрибуција на ресори и вработувања на партиски кадри. ДУИ веројатно проценила дека во рекомпониран парламент, лесно ќе се спогоди со ВМРО-ДПМНЕ за нов коалиционен ангажман и покрај приближувањето на ДПМНЕ со албанската опозиција пред и по локалните избори, смета политичкиот аналитичар.
Небиу вели дека партијата на Ахмети има значителна системска предност која и ја дава позицијата на власт, и човечката и финансиската инфраструктура која ја ставила на располагање на избори.
-Албанската опозиција не може да и парира на ДУИ ниту во финанскиот аспект, ниту пак во однос на клиентелистичката база – но секако може да ги реформира, зајакне и окрупни своите редови, за да може да го максимизира опозоциониот анти-ДУИ глас кај албанските гласачи. На последните избори ДУИ освојувајќи меќу 30% и 40% од албанските гласови, тоа е тешко но и далеку е од невозможно да се надмине, вели тој.
Б.М.