Небиу: Заев покажа умешност во балансирањето со коалициските апетити, прашање е дали и неговиот наследник ќе го има истиот капацитет

од Берта Китинска
478 прегледи

Влегувањето на Алтернатива во Владата го раздвои албанскиот опозиционен блок (АА/Алтернатива) која беше формацијата со вистински изгледи да му парира на ДУИ во албанскиот политички блок.  Ако уривањето на оваа Влада зависеше од  прераспределба на албанските партии наспроти ДУИ – се чини дека  влезот на Алтернатива, ја направи таа опција неизводлива во овој момент, вели во разговор за „Локално“ политичкиот аналитичар Бесим Небиу. 

Според него, Владата е далеку од стабилна во моментов иако има мнозинство

– Владата се состои од фрагментирана коалиција на СДСМ со помали партии, кои излегуваат од локалните избори поразени и деморализирани. Потоа тука е коалицијата со ДУИ и сега и со Алтернатива, партии со кои СДСМ е во коалиција од чисто прагматични, а не од идеолошки причини.  Ова значи дека има разни комбинаторики за тоа  кои делови од владината коалицијата можат да ја урнат Владата во наредниот период. Ќе видиме како таа коалиција ќе биде „фацилитирана“ од наследникот на премиерот Заев – кој покажа  особена политичка умешност да балансира коалициски интереси и апетити – прашање е дали и неговиот наследник ќе ја има истата позиција и капацитет, објаснува тој.

Аналитичарот смета дека влегувањето на Алтернатива во владата носи потенцијално висока политичка цена во албанскиот политички блок како и пред нејзините гласачи.

-Алтернатива беше критичар на власта и учесник во обидот да се урне, пред да и се придружи. Се работи за драматична промена на правец во многу краток рок, и тоа предизвика и внатрепартиски несогласувања во таа партија. Се разбира дека Алтернатива сака да ја „наплати“ таа цена, а премиерот Заев се чини беше тој кој „молеше“, па така и немаше голем избор освен да ги прифати повеќето барања на Алтернатива. Со овие добиени позиции и ресурси на власта, Алтернатива ќе се обиде да ја објасни и оправда својата промена на правец пред сопствената база и гласачко тело, посебно во скопско-кумановскиот регион, каде што се всушност политичките бази на оваа партија. Од друга страна, јасно е дека некои други членови на коалицијата се чувствуваат обезправени (ДОМ и ЛДП на пример), во однос на „дилот“ меѓу Заев и Алтернатива. Затоа, овој договор уште повеќе го искомплицира и отежни функционирањето на оваа и досега комплицирана и кревка коалиција, подвлекува Небиу.

За тоа дали е време да им се стави крај на министерствата без ресор , бидејќи освен политичарите, граѓаните немаат придобивка од нив, аналитичарот објаснува дека овој вид на министерствата како кај нас, но и во соседните земји, „се користат за да се задоволат личните амбиции на помалите членови на владеачките коалиции“.

-Најчесто тие немаат ни мандат, нит ингеренции, а ни реални ресурси да постигнат било какви цели и функции. Сепак за волја на вистината Алтернатива доби само една таква позиција: Дијаспората, која иако нема свое министерство е сепак реален „ресор“ којшто треба да овозможи линк со нашата постојано растечка дијаспора. Инаку, да сметам дека треба да се намали бројот на министерствата и министрите – но за да се случи тоа политиката ќе треба да им служи на граѓаните а не на политичарите и нивните лични интереси!, подвлекува тој.

Небиу смета дека опозициионата АА, ќе се обиде да го зголеми своето гласачко тело на сметка на Алтернатива, по нивното напуштање на опозициониот блок.  

-Извесен процент од гласачите на овие две партии се чисто „анти-ДУИ“ гласачи, опозициони настроени гласачи од албанскиот блок – со раздвојнувањето на коалицијата ќе бидат ставени во позиција да направат избор која страна ќе ја подржат, и се чини тука Алијансата ќе има предност, барем во смисла на кохерентноста и постојаноста на нејзиниот наратив. Сепак, АА и Алтернатива беа демограски и географски компатибилни, и се чини со радзвојувањето и двете ќе изгубат, вели аналитичарот. 

Според него позицијата на Мицкоски на чело  на ВМРО-ДПМНЕ  е зацементирана, по победата на локалните избори. 

-ВМРО ДПМНЕ е во комотна положба, се чини дека направи „грешка во чекори“ со прераната иницијатива за НПМ – требаше да почека подолго да се консолидира впечатокот на јавноста за нејзината голема победа на локалните избори. Но тоај донекаде се дезавуирање и избледни заклучокот за тоа дека ДПМНЕ е во пораст, и најверојатно ќе биде победник на следните избори, кога и да се случат тие. Заев, вешто капитализираше оваа грешка на опозицијата. Од друга страна, позицијата на Мицкоски на чело е зацементирана, по оваа победа, и се чини дека тој ќе има многу повеќе време и мир во подготовка на партијата и окрупнување на коалициониот капаците на ВМРО за да може да атакува на централната власт, смета политичкиот аналитичар. 

Во врска со кандидатите за избор на лидер на СДСМ, кој ќе биде избран во недела, Небиу коментира дека Ковачевски  е непознаница за пошироката јавност  и поради  оваа ситуација „неизвесно е во кој правец ќе чекори СДСМ“

-Иако ќе има формални избори и гласање, се чини дека е јасно дека партискиот естаблишмент го има назначено г-н Ковачевски за наследник на г-н Заев на кормилото на СДСМ. Тој е непознаница за пошироката јавност, бидејќи не бил многу ескпониран во јавноста. Затоа е неизвесно во кој правец ќе чекори СДСМ во следниот период, вели тој.

Б.М.

Слични содржини