Недела на одлуки: Вонредна состојба, датум за избори и олеснување на рестрикции

од Берта Китинска
331 прегледи

Третата вонредна состојба, која претседателот Стево Пендаровски ја прогласи на последната седница на Советот за безбедност, овој пат во траење од 14 дена истекува на крајот на месецов, по што според Уставот треба да продолжат законските активности за одржување на предвремените парламентарни избори, кои беа одложени поради коронакризата.

Партиите се уште без усогласен термин за изборите, откако последната лидерска средба заврши со различни ставови на власта и опозицијата за натамошните активности околу предвремените избори, кои пред избувнувањето на епидемијата на Ковид-19 требаше да се одржат на 12 април.

И власта и опозицијата сакаат на избори со датум, за кој е постигнат консенсуз, но засега според она што го кажуваат во јавноста, заеднички јазик нема, а усогласување на ставовите се очекуваат до крајот на оваа недела, иако засега се уште нема официјална потврда за нова лидерска до 30 мај, паралелно со завршувањето на 14-дневната вонредна состојба.

Речиси 70 отсто од граѓаните, пак, ќе излезат на гласање на парламентарните избори доколку здравствените власти дадат зелено светло за тоа. Тие нема да се чуствуваат безбедно доколку тоа биде само со повик од политичарите. Ова произлегува истражување на јавното мислење кое се однесува на изборите што го објави „Детектор“, а го изработи Институтот за политички истражувања Скопје.

Истражувањето покажува дека ако надлежните здравствени власти дадат зелено светло за избори, на гласање се изјасниле дека ќе излезат 69,6 отсто од граѓаните, додека 19 отсто велат дека нема да се појават пред гласачките кутии.

А бројките покажуваат дека во изминатите два дена не се регистрирани починати од коронавирусот во државава, како и минимален пад на бројот на заразени, кој вчера достигна 21, а завчера беше 37. Вкупната број на дијагностицирани со Ковид-19 во земјава од почетокот на епидемијата, изнесува 1.999, бројката на оздравени пациенти е 1.439, на починати е 113, а во моментов бројот на активни случаи во земјава изнесува 447.

Според Уставот, изборите мора да се одржат дваесет и два дена по завршувањето на вонредната состојба. Министерката за правда Рената Дескоска минатата недела елаборирајќи ја владината уредба која се однесува на изборите, нагласи дека изборните дејствија се веќе започнати од страна на институциите, значи се преземени чекори за подготовка на изборите – истите се паузирани поради вонредната состојба, а продолжуваат онаму каде што застанале веднаш по завршувањето на вонредната состојба.

Таа на лидерите им порача дека може да разговараат за одредени рокови или термини за избори, но тие термини мора да бидат во рамките на Уставот, со почитување на уставните одредби, бидејќи никој, ниту волјата на лидерите не смее да се стави над Уставот на нашата држава.

Министерот за здравство Венко Филипче кон крајот на минатата седмица изјави дека по празниците ќе се носат препораките и одлуките за можно понатамошно олеснување на рестрикциите, односно за намалување или укинување на полицискиот час, како и за можно отворање на границите.

Слични содржини