Неделков: МОН ги известило училиштата неработните 24. април и 8. мај да се одработат во саботи

од Nikola Popovski
959 прегледи

Од кога неработните денови преку ноќ стануваат работни, прашува претседателот на СОНК, Јаким Неделков, објавувајќи известување од МОН, според кое деновите на одржување на изборите, 24 април и 8 мај, кои беа прогласени за неработни, да се одработат други денови.

-Впрочем, и други учебни години завршувале и биле верифицирани од страна на министерот со помалку од 180 работни денови, како на пример учебната 2021/22 година, истакна Неделков.

„Со цел да се исполни одредбата од Законот со кој учебната година се остварува во 180 наставни денови, а притоа да не се продолжи учебната година, деновите кога се одржуваат изборите ќе се надоместат со организирање на настава во следните денови:

-18 мај (сабота) со часови од денот 24 април 2024 година и 1 јуни (сабота) со часови за денот 8 мај 2024 година

Воедно за училиштата кои се наоѓаат на територија на Град Скопје за денот 30 ноември 2023 (четврток), кога согласно Нацрт записникот од 199 седница на Владата на Република Северна Македонија, одржана на 14 ноември 2023 година, се одреди како неработен ден за учениците од основните училишта на територија на Град Скопје, наставниот ден ќе се одработи на 15 јуни (сабота) во часови од денот 30 ноември 2023“, се вели во известувањето пратено од МОН, а кое го објави Неделков.

МОН вчера информира дека 23 април и 7 мај, односно деновите пред гласањето ќе бидат работни за сите училишта. При тоа, во училиштата во кои ќе се одвива изборниот процес, наставата ќе се реализира од 7:00 до 11:00 часот, со скратени наставни часови за сите одделенија, односно класови. Во останатите училишта каде не се спроведува гласање, наставата се реализира вообичаено и согласно предвидениот дневен распоред.

-Потсетуваме дека наставната година за учениците од средните училишта трае до 10 јуни, додека за учениците од основните училишта до 17 јуни, додадоа од МОН.

Првпат оваа година учениците ќе имаат пролетен распуст, од 29 април до 6 мај. Поради велигденските празници нема да се работи ни на 5 и 6 мај.

Слични содржини