Од објавувањето на нашата одлука за генерален штрајк, синоќа околу 19 часот, досега немаме никаква порака или барање за работна средба, се надеваме дека во наредниве денови ќе добиеме, соопшти Јаким Неделков, претседател на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК кој вчера информираше дека Синдикатот одлучил од 11 април да се организира штрајк на вработените во образованието и градинките.
-Штрајкот би бил класичен, а тоа значи дека вработените кои ќе бидат во штрајк, нема да вршат прием на деца во градинките, нема да изведуваат настава и други активности што се поврзани со наставата, што би значело прекин на воспитно-образовниот процес, информираше СОНК.
Одговарајќи на новинарско прашање како ќе бидат згрижени децата од предучилишна возраст за време на штрајкот, Неделков рече дека одговорноста за работата и функционирањето на градинките е на работодавецот кој, како што рече, е должен да обезбеди услови за работа.
-Во случај кога работниците се во штрајк, ние не велиме – не ги носете децата, меѓутоа немаме одговорност кон родителите коишто ќе ги донесат децата. Кој ќе биде со децата ние не одговараме. Одговорите треба да се побараат од Министерството за труд и социјална политика или, евентуално, од директорите коишто имаат надлежност да ги организираат активностите во градинката. Апсолутно мнозинство од 100 проценти изјаснување во градинките за штрајк досега не сме имале. Сме имале изјаснување за штрајк, но се примале деца и штрајкот за кој се согласиле не бил спроведен и тоа не носи резултати. Затоа сега имаме негувателки кои работат со 30-35 деца во група, што е над нормативот, на кои е невозможно истовремено да им се посвети внимание, а земаат плата 18.800 денари. Така не може да биде и затоа луѓето се револтирани, рече претседателот на СОНК.