Нехамер: Неопходни се јасни сигнали за С. Македонија и Албанија

од Nikola Popovski

Во пресрет на денешниот Самит на ЕУ, австрискиот канцелар Карл Нехамер изјави дека условите за пристапување на Украина мора да важат и за земјите од Западен Балкан, особено за Босна и Херцеговина.

Обраќајќи им се на пратениците во австрискиот парламент, тој најави дека Австрија ќе се залага за тоа на ниво на ЕУ.

Нехамер и министерката за европски прашања Каролина Едштадлер истакнаа дека статусот на кандидат за Украина не може да се поистоветува со преговорите за членство во ЕУ, пренесува Танјуг.

Нехамер рече дека со давањето статус на кандидат на Украина и на Молдавија, во ЕУ се воведува нова процедура, во која статусот на кандидат се добива уште пред исполнувањето на критериумите на Унијата.

„Ова мора да важи и за другите земји кандидати од Западен Балкан, особено БиХ“, рече тој.

Тој изјави дека „јасни сигнали“ се неопходни и за Северна Македонија и Албанија.

Нехамер додаде дека поради историската поврзаност и големата дијаспора, Австрија има посебна одговорност за Западен Балкан.

„Не е разбирливо што на БиХ не и е даден кандидатски статус“, рече Едштадлер.

Социјалдемократската партија на Австрија (СПО) истакна дека ги поддржува напорите на канцеларот сите земји да бидат подеднакво третирани во процесот на пристапување во ЕУ.

Пратеникот Алојз Штегер рече дека руската агресија ја забрзува пристапната перспектива на Украина, но дека тоа не смее да доведе до поделби во Европа.

И Јакоб Шварц од Партијата на зелените го поздрави доделувањето кандидатски статус на Украина.

Од друга страна, пратеничката на Слободарската партија на Австрија (ФПО), Петра Штегер оцени дека постапките на ЕУ се „превртување на критериумите“ и дека тоа е неодговорно прилагодување на правилата на ЕУ.

Таа рече дека постапката не ги исполнува критериумите од Копенхаген и дека Украина не може да ги исполни условите за пристап во наредните години.

Слични содржини