„Нека има стабилност во Србија“: Се огласи претседателот на руската дума

од Stefanija Kuzmanovska
231 прегледи

Победата на парламентарните избори во Србија ја извојуваа оние кои беа поддржани од жителите на таа земја, тоа треба да го признаат политичарите кои загубија. Ова го изјави претседателот на руската дума, Вјачеслав Володин, посочувајќи дека САД и ЕУ не добиле „марионетски пратеници“, пренесе ТАСС.

Володин потсети дека набљудувачката мисија на парламентарното собрание на Организацијата на договорот за колективна безбедност не дала никакви изјави, набљудувачите „едногласно го искажаа својот став, оценувајќи дека изборите биле конкурентни, отворени и легитимни“.

„Сметаме дека победник е тој што го поддржаа граѓаните на Србија“, рече Володин. „Затоа, сосема е очигледно дека оние што денеска загубија мора да ја признаат победата на оние за кои гласаше народот“.

Володин додал и дека оние кои се обидуваат да влијаат на изборот на луѓето однадвор, од странство, треба да бидат свесни дека тоа е спротивно на сите принципи на градење односи и дека мора да бидат запрени.

Според него, доколку Вашингтон и Брисел „имаат забелешки, нека го кажат тоа директно“.

Нивната желба (на Вашингтон и Брисел), додаде тој, е да добијат марионетска влада, марионетски пратеници, но можеме да видиме до што ќе доведе тоа. И има толку многу точки на тензија на планетата. Нека има стабилност во Србија, Европа и сите други ќе имаат само корист од тоа, убеден е претседателот на руската дума.

Слични содржини