Нема да биде свикано Собранието, нов пратенички состав по изборите

од Берта Китинска
326 прегледи

Нема услови повторно да се свика Собранието, а нов пратенички состав ќе има по одржување на парламентарните избори. Уставниот суд вчера на работен состанок ја одби иницијативата на судијата Осман Кадриу, повторно да се оценува уставноста и законитоста на Одлуката за распуштање на Собранието.

-Не постојат услови за прифаќање на иницијативата на судијата д-р Осман Кадриу за поведување постапка по службена должност за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распуштање на Собранието, едногласно одлучија судиите на Уставниот суд на работниот состанок.

Ова е од причина, како што велат од Уставниот суд, што во случајот станува збор за пресудена работа што значи дека Судот веќе се изјасни за уставноста и законитоста на оваа одлука на Собранието во предметот У.бр.40/2020, на седницата одржана на 8 и 15 април 2020 година, кога со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оценување на нејзината уставност и законитост. Притоа, како што посочуваат од Судот, тогаш во расправата биле земени предвид и околностите на кои се укажува со иницијативата.

Уставниот суд нема да ја оценува ниту уставноста на првата одлука на претседателот Стево Пендаровски за прогласување вонредна состојба во државата која беше донесена на 18 март.

Уставните судии оценија дека иницијативата за оценка на уставноста и законитоста на одлуката е беспредметна затоа што таа веќе не е во сила, а вонредната состојба на која се однсуваше е завршена.

Претседателот Пендаровски на 16 април донесе нова одлука за продолжување на вонредната состојба за уште 30 дена. И за оваа одлука е поднесена иницијатива за оценка на уставноста и законитоста пред Уставниот суд.

Слични содржини